Непријатноста во стомакот не треба да се занемарува, особено на возраст кога женското тело се менува.
Перименопаузата е период од животот на жената што најавува значителни биолошки промени. Токму во овој период, кога Жаклин Грин имала 47 години, почнала да се чувствува уморно и подуено, а интимните односи со нејзиниот сопруг станале непријатни, бидејќи чувствувала болка. По неколкумесечните необични симптоми, нејзиниот сопруг Кевин ја охрабрил да оди на лекар. Иако првично ѝ било кажано дека веројатно има синдром на нервозно дебело црево, Жаклин продолжила да трпи болки. Најмногу ја мачела болката во стомакот.
Кога завршила во болница поради неподносливи грчеви, ѝ биле откриени цисти на јајниците. Со текот на времето, прегледите покажале дека цистите се зголемиле, но лекарите сметале дека се работи за нормални цисти. Меѓутоа, по нејзиниот последен преглед, Жаклин дознала дека има рак на јајниците.
- Ги прашав лекарите уште колку живот ми останува. Не се осмелив да излезам пред маж ми и децата и да им кажам дека умирам - се присетува Жаклин.
Операцијата на карциномот поминала добро, но оваа храбра жена подоцна се соочила со враќање на туморот и итна хемотерапија.
- Болката беше страшна. Ослабев толку многу што едвај одев, а стомакот ми беше подуен како да сум во поодмината бременост - раскажува оваа храбра жена.
За жал, Жаклин и по трет пат се соочила со туморот и лекарите биле убедени дека не можат да ѝ помогнат. Благодарение на лекот што го добила успеала да ја победи болеста.
- Лекарите беа зачудени колку добро ја поднесувам терапијата. Зашто, кога првпат излегов од болница, ми рекоа дека не можат ништо, но се случи чудо. Овој „поштар“ кај мене заѕвони три пати. Сега сум благодарна за тоа што сум жива – додава Жаклин.
Таа новогодишните празници планира да ги помине со сопругот, шесте деца и четирите внуци. Среќна е што има можност да ужива во секој нов ден и благодарна е што успеала да ја надмине оваа тешка болест.
Симптоми на рак на јајниците
Канцерот на јајниците е придружен со подуеност, оток на стомакот и болка. Главниот третман за рак на јајниците е хируршка интервенција, како и хемотерапија. Ризикот од рак на јајниците се зголемува со возраста; почесто се јавува кај жени над 50 години кои имаат семејна историја на рак на јајници или на дојка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата