logo
logo
logo

Со 142 пати дарување крв тетовецот Разија Саловски се вбројува во крводарителите рекордери

Vecer | 02.01.2023

Со 142 пати дарување крв тетовецот Разија Саловски се вбројува во крводарителите рекордери

Вака тетовецот Разија Саловски, пензионер, хуманист, поранешен крим техничар, а сега билкар, кој речиси половина век дарува крв и досега тоа го сторил 142 пати, раскажува за крводарителството, скапоцениот лек кој живот значи... Со овој скромен човек, кому природата му е прибежиште, се сретнавме далеку над белите облаци од маглата и загадувањето, на рид, близу Шар планина, која тој ја опишува како приказ на рајот. Тука се сретнавме, за, како што ни рече, да не избави од пеколниот градски хаос.

За стресот избегнувајте лудаци, тоа е првата работа, избегнувајте гужви, а кога имате време избегнувајте ги и градовите, како Скопје, Тетово. Дојдете горе, горе планината е полна со стрес, кој не се шири.Кога одиме ние ѝ го оставаме, а се враќаме назад весели и здрави.

Вели, првпат дарувал крв како средношколец во далечната 1976 година, но не за да биде ослободен од часови, туку го фасцинирало предавањето на професорите за тоа како со дарувањето крв се активира коскената срж која почнува засилено да произведува бели крвни зрнца, а тоа е војската што го чува организмот.

-Се пријавивме неколку души од нашите класови, немаше никаква опасност. По шест месеци се јавив во центарот во Дебар, бидејќи повторно сакав да дарувам, па ни кажаа дека на три месеци можеме слободно тоа да го правиме. Така тоа започна,-Разија Саловски.

Со смиреност во гласот, кој на моменти е како шепот, ни раскажа и оти никогаш не знаел за кого ја дарувал својата крв, а и не сакал да знае. Секогаш кога ќе му јавеле дека е потребна крв 0 негатив, итал кон болница.

-Никогаш не сум сакал да знам каде оти мојата крв, за кого.Секогаш, апсолутно секогаш сум прифаќал. Се случуваше, пак, и од Транфузиологија да ме одбијат кога ќе отидам сам, бидејќи сум нулта негатив, која е една од најретките крвни групи. Па ме чуваа, за да дојдам кога нема да можат да најдат.--Разија Саловски.

Она што дополнително го поттикнало да остане крводарител, било неговата професија. Како крим техничар ни кажа дека посведочил на мрачни сцени, како убиства и незгоди, па, да се помогне кога сè може, му станало мото, оти многу пати видел како животот исчезнува за миг поради недостаток на крв.

Секој што еднаш ќе дарува, ќе остане крводарител,  така мисли чичко Разија кој при нашата средба не ни спомена буквално ништо за признанијата што ги има за неговата хуманост... туку, со срамежлив поглед и насмевка на лицето, кога се разделивме ни посака многу здравје, ама не не остави да си заминеме додека не му ветиме оти еден ден ќе дојдеме на Шара на по еден чај, а и по една ракија со мед, негов специјалитет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk