Принцезата Фавзија била олицетворение на убавината и раскошот, жена по која воздивнувале дури и најголемите уметници на нејзиното време. Западниот свет ја обожавал, а модните дизајнери се тркале да ја облечат.
Ја нарекувале азиска Венера, восхитувајќи се на нејзините хипнотизирачки сини очи, префинети црти на лицето и неодолива благодат. Но, зад сјајот и гламурот, се криела приказната за една од најтрагичните судбини во светот на кралските династии.
Блескав почеток и љубов од бајките
Родена во 1921 година како најстара ќерка на египетскиот крал Фуад I, Фавзија пораснала во луксуз, убедена дека судбината е поволна за неа. Но, судбината може да измами.
На само 17 години, таа станала пион во политичката игра и била испросена од идниот шах на Иран, Мохамад Реза Пахлави. Иако бракот бил договорен, на сите им се чинело дека се навистина заљубени. Нивните фотографии од медениот месец станале насловни страници, а светот го прослави нивното здружување.
Пекол зад ѕидините на замокот
Набргу Фавзија сфатила дека нејзината бајка е всушност златен кафез. Иран, конзервативен и суров, бил далеку од слободниот свет на кој беше навикната. Во тој свет, нејзиниот глас немал тежина. Нејзината свекрва, Таџ Ол Молук, владеела и таа ја сметала својата снаа за премногу либерална. А шахот? Тој бил премногу зафатен - со други жени.
Дополнителен притисок дошол кога таа родила девојче, принцезата Шахназ. Но, тоа не било доволно. Иран барал наследник, човек кој ќе ја обезбеди династијата. Почнале гласини - шахот ќе земе друга жена. Можеби и трета.
Додека интригите растеле, Фавзија исчезнуваше. Нејзината препознатлива аура исчезнуваше, нејзините румени усни беа безживотни, нејзиното тело исцрпено. Таа повеќе не беше азиска Венера, туку затвореничка во палата.
Бегството и тешката цена на слободата
Тогаш донела одлука која го шокирала целиот свет. Таа побегнала. Го напуштила Иран и повеќе не се вратила. Но, слободата не дојде без цена. За да се ослободи од шахот, морала да ја остави ќерка си. Принцезата Шахназ останала во Иран, додека нејзината мајка, со скршено срце, засекогаш го затворила тоа поглавје од нејзиниот живот.
Втора шанса за среќа
Во 1949 година, Фавзија добила втора шанса. Се омажила за египетскиот министер Исмаил Хусеин Ширин, човек кој не барал ниту династија, ниту политички статус - туку само неа.
Во овој брак, таа нашла мир и станала мајка на уште две деца. Но животот не и дозволил да ја задржи круната. По укинувањето на египетската монархија во 1952 година, Фавзија ги загубила сите титули и станлаа обичен граѓанин.
Крај на една ера
Принцезата која некогаш владеела на модните писти, ги красела насловните страници и ја носела круна, последните години ги поминала во Александрија, далеку од политиката и судовите. Била сведок и на падот на династијата Пахлави, падот на сопствената династија, смртта на нејзините сопрузи и на крајот - смртта на сопствениот мит.
Фавзија починала на 2 јули 2013 година, на 91-годишна возраст, како најстар член на нејзиното семејство што живее во Египет. Нејзината убавина избледе, но нејзината приказна остана запишана во историјата како доказ за раскошот, страдањето и непредвидливите пресврти на кралските судбини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата