Така, за северниот сега се очекува сè повеќе „да се лизга“ кон Сибир (во Русија).
Северниот магнетен пол официјално ја промени својата местоположба, тврдат научниците, кои предупредуваат дека може да има уште промени во магнетното поле на Земјата што би можеле значително да влијаат на животот тука. „Светскиот магнетен модел“ на Националната океанска и атмосферска администрација на САД - НООА, е главниот уред за следење на промените во магнетното поле на нашата планета и тоа е од клучно значење за светските системи за навигација, обезбедувајќи правилно функционирање на многуте технолошки системи коишто зависат од магнетното поле на Земјата.
Моделот се ажурира на секои неколку години, што беше неопходно последниве десетлетија, бидејќи се чини дека магнетните полови на Земјата се поместуваат. Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА предупредува и дека целосно враќање на магнетните полови може да предизвика бројни проблеми ширум светот.
Јужниот магнетен пол, се наведува, е релативно неподвижен, но спротивниот се движи. И покрај тоа дека тенденцијата е да се поместува, во просек околу 10 километри годишно, последниве години се движи многу побрзо - околу 55 километри годишно - во подрачјето меѓу северна Канада и Сибир, јави „Српската радиотелевизија - РТС“.
Од 1830-тите, северниот магнетен пол се придвижил 2.250 километри ширум северната хемисфера. Она што ги загрижува научниците е дека меѓу 1990. и 2005 година, брзината на движење се зголемила на 50 до 60 километри годишно.
Поради тоа побрзо движење, научниците велат дека навигациските системи, како на пр. ГПС, треба почесто да се ажурираат. Поместувањето е проблем за паметните телефони и сличните уреди, авионите и бродовите, бидејќи сите тие зависат од навигациските системи коишто мора да бидат усогласени со локацијата на магнетните столбови.
Иако промената може да предизвика проблем во ГПС-системите на кус рок, многу поголема е загриженоста за она што се чини како идно, претстојно поместување на магнетниот пол.
Природата, исто така, би била погодена, бидејќи многу животни, како што се птиците, пчелите, китовите, лососот, желките, зависат од магнетното поле за сопствената ориентација. Нарушувањето на местоположбата на Северниот и Јужниот магнетен пол може да насочи јато, рој или стадо на погрешна страна за време на нивните преселби. Сепак, НАСА и други научни средишта истакнуваат дека засега нема причина за загриженост. Имено, се тврди оти е погрешна претпоставката дека ова движење на магнетните полови одеднаш би ја оставило Земјата без магнетното поле, коешто, инаку, ја штити од сончевите бранови.
„Иако магнетното поле на Земјата навистина може да ослабне и зајакне со текот на времето, нема показатели дека некогаш би исчезнало. Послабо поле сигурно води до мало зголемување на сончевото зрачење, но тоа не би било смртоносно. Дури и со ослабено магнетно поле, и густата атмосфера на Земјата нѐ штити од честичките што доаѓаат од Сонцето“, соопшти НАСА.
Промената на магнетните полови не е тоа што би предизвикало катаклизмични проблеми на Земјата, но исто така, не се очекува да се случи нешто драстично наскоро во тој поглед, според научниците. Тоа, велат, би можело да потрае и повеќе од 1.000 години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата