На крајот на септември Министерството за здравство на Руанда соопшти дека во таа земја се појавил вирусот марбург, а од 26 потврдени случаи, осум пациенти починале, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Тој е еден од најсмртоносните вируси на планетата за кој нема вакцина или лек.
Затоа, не е чудно што пред неколку дена во Хамбург избувна паника откако двајца студенти од Руанда пристигнаа во таа земја и се пријавија за тестирање бидејќи потекнуваат од заразеното подрачје. За среќа, се покажа дека е лажна тревога, но тоа не ја намалува опасноста што ја носи овој вирус.
Симптоми на инфекцијата
Како што објаснува, српскиот епидемиолог, професор д-р Зоран Радовановиќ овој вирус е исклучително опасен, но добрата вест е што не се пренесува преку капки и аеросоли.
- Штом вирусот не се пренесува преку воздухот, значително е намалена можноста за негова експлозија. Добро е и што студентите дошле во Хамбург, каде што се наоѓа најголемиот институт за проучување на тропски болести во континентална Европа, па можеле веднаш да се тестираат – изјави тој за еден портал.
Според д-р Радовановиќ, инфекцијата се пренесува на следниве начини:
преку директен контакт со заразено животно
контакт со секрети како што се слуз, крв, урина, столица
постои можност за инфекција ако пациентот лежи во креветот на заразеното лице
преку сперма
Симптоми на инфекција со овој вирус:
болки во грлото
главоболка
малаксаност
повишена температура
дијареја
промени на кожата
Во случај на компликации, се јавува откажување на бубрезите и црниот дроб.
Марбург вирусот за прв пат беше изолиран во Германија на крајот од ‘60-тите, во градот Марбург, по што го доби името. Во тоа време и во Белград имало двајца заразени, поточно ветеринарот кој ја направил обдукцијата на зелените мајмуни и неговата сопруга.
- Го познавав тој ветеринар кој работеше на Торлак, тој целосно закрепна. Ја заразил и сопругата која немала никакви симптоми и дури кога ја тестирале откриле дека е заразена - изјави проф. Радовановиќ.
Не постои вакцина
Заразените со овој вирус мора да бидат изолирани во карантин три недели. Вакцина за марбург вирусот нема, а според овој епидемиолог, веќе се работи на неа. Засега се применува само симптоматско лекување.
- Ако пациентот има симптом, вие го лекувате тој симптом. Неопходно е пациентот да ја надомести изгубената течност, минералите... Нема специфична терапија која би го уништила вирусот, туку се лекуваат симптомите – изјавил овој епидемиолог.
Болеста се третира симптоматски
Како што објаснува угледниот професор, оваа вирусна инфекција повремено се појавува насекаде низ светот, најмногу во африканските земји, како што е случајот со Руанда. Во таквите земји, стапката на смртност од вирусот е околу 88 проценти.
- Смртноста е висока затоа што повеќето заразени пациенти се оставени сами на себе и не добиваат соодветна нега, практично се оставени да умрат. Кога на пациентот му го давате она што му е потребно, шансите за преживување се многу поголеми - објасни проф. Радовановиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата