Иако звучи како од хорор филм, терминот “zombieing” стана дел од секојдневниот речник во дигиталното доба. Едноставно се случува кога личноста која претходно ве оставила без никакво објаснување, ненадејно повторно да ве контактира, однесувајќи се како ништо да не се случило. Ако “ghosting” е ненадејно исчезнување, “zombieing” е враќање на „духот од мртвите“.
Пораката може да биде безопасна, како “like” на Инстаграм, коментар или едноставно: „Здраво, како си?“. Токму лежерноста и игнорирањето на сопственото исчезнување го прави овој феномен посебно фрустрирачки.
Правата причина за враќањето
Враќањето ретко се случува случајно. Речиси секогаш зад него постојат низа психолошки причини. Разбирањето на мотивите е клучно во заштитата на сопственото емотивно здравје.
Потреба за потврда и здодевност
Една од најчестите причини е тестирањето, односно поранешниот партнер сака да провери дали има пристап до вашите емоции и време. Вашиот одговор, каков и да е, служи како потврда на неговата привлечност и влијание, т.н. “ego boost”.
Понекогаш, мотивот е поедноставен, здодевност или осаменост. Можеби другите опции го разочарале или социјалниот живот му станал монотон. Во таквите моменти вие станувате прибежиште.
Носталгија, страв и „сезона на галење“
Човековиот мозок има тенденција да ги потиснува лошито сеќавање и да го идеализира минатото. Овој ефект на носталгија често ги поттикнува луѓето да стапат во контакт со поранешните партнери во моменти на емотивна ранливост.
На тоа се надоврзува и „сезоната на галење“, период за време на ладните месеци кога расте потребата за блискост. Во такви околности бившите партнери делуваат како најлесна опција.
Психолозите предупредуваат дека во повеќето случаи не станува збор за искрени емоции, туку за привремен „лек“ за осаменоста.
Искрено каење или образец на однесување
Иако поретко, постои можност личноста навистина да се променила и искрено да се кае. Можеби сака да се извини и да ги поправи грешките.
Сепак, психолозите предупредуваат да бидете внимателни. Ова однесување може да биде дел од токсичен образец, особено кај лица кои избегнуваат да се врзуваат. Тие честопати се повлекуваат кога односот станува сериозен, а потоа се враќаат кога ќе почувствуваат сигурна дистанца.
Како да реагирате на враќањето?
Најважно е да запомните: имате целосна контрола над ситуацијата. Нивното враќање на ништо не ве обврзува.
Пред да одговорите, запрашајте се: дали личноста навистина сака да ги поправи нештата или само бара внимание?
Не реагирајте импулсивно. Дајте си време да ги разберете сопствените емоции, дали чувствувате лутина, вознемиреност или надеж?
Ако не сакате повторно да го отворите тоа поглавје, игнорирањето и блокирањето се легитимни начини да го заштитите сопствениот мир. Ако сепак одлучите да одговорите, бидете директни и поставете јасни граници.
Ако другата страна не го признава своето исчезнување или не нуди искрено објаснување, подобро да го игнорирате или да го прекинете контактот.
Запомнете, вистинската личност нема да ве остави во недоумица. Ако некој тврди дека се променил, мора да покаже со доследно однесување, а не само со зборови. Враќањето повеќе зборува за нив, отколку за вашата вредност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата