logo
logo
logo

Регионалната конференција на ФАО за Европа ја истакна отпорноста и инклузивноста во услови на климатски, економски и геополитички предизвици

Vecer | 14.05.2026

Регионалната конференција на ФАО за Европа ја истакна отпорноста и инклузивноста во услови на климатски, економски и геополитички предизвици

Министри и високи претставници од Европа и Централна Азија, од 11 до 15 мај 2026 година, престојуваат во Душанбе, каде што дискутираат за зајакнување на ефикасноста, инклузивноста, отпорноста и одржливоста на агро-прехранбените системи во услови на сè поизразени климатски, економски и геополитички предизвици.

35-тата сесија на Регионалната конференција на ФАО за Европа (ERC35) се одржува во главниот град на Таџикистан под главната тема: „Обединети за одржливост: Интегрирање на климатските активности, зачувувањето на биодиверзитетот и обновата на земјиштето за одржливи агро-прехранбени системи во Европа и Централна Азија.“

Конференцијата, која се организира на секои две години, претставува највисокото раководно тело на ФАО за Европа и Централна Азија и им овозможува на земјите членки и партнерите да дискутираат за најактуелните прашања во областа на храната и земјоделството, како и да ги дефинираат приоритетите на ФАО за следниот двегодишен период.

Во своето обраќање пред учесниците на министерската конференција, генералниот директор на ФАО, Ку Донгју (Qu Dongyu), истакна дека предизвиците со кои се соочува регионот – климатските промени, економските притисоци и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување – ги надминуваат националните граници и бараат заеднички пристап, координирана акција и солидарност.

Тој нагласи дека фокусот на дискусиите треба да биде ставен на две клучни области: зајакнување на отпорноста на агро-прехранбените системи и обезбедување финансиски ресурси за нивна долгорочна трансформација и одржливост.

Конференцијата се одржува во период кога земјите од Европа и Централна Азија се соочуваат со сè поизразени климатски шокови, нестабилност на пазарите и геополитички тензии, но и со сериозни предизвици како што се губењето на биодиверзитетот, недостигот на вода и зголемениот притисок врз достапноста на храната за населението.

И покрај делумната стабилизација на глобалните пазари на храна по ценовните шокови во 2022 година предизвикани од војната во Украина, голем број земји од регионот и понатаму се соочуваат со високи цени на храната и зголемени трошоци за земјоделско производство, дополнително засилени од тековните случувања на Блискиот Исток.

Ку потсети и на заклучоците од 180-тата специјална сесија на Советот на ФАО, каде што повторно било истакнато дека мирот и стабилноста се предуслов за сигурноста на храната, а правото на храна е основно човеково право. Тој нагласи дека е неопходна заедничка акција за ублажување на последиците од конфликтите врз ранливите категории на население и за обезбедување непречен пристап до храна, семе и ѓубрива за оние на кои им се најпотребни.

Во однос на климатските предизвици, беше посочено дека Европа и Централна Азија се затоплуваат со темпо речиси двојно побрзо од глобалниот просек, што придонесува за почести суши, поплави, шумски пожари и дополнителен притисок врз земјоделството.

Неодамнешните екстремни временски појави низ регионот, според Ку, се јасен сигнал дека досегашните модели на работа повеќе не се одржливи. Воедно, повеќе од 90 милиони хектари земјиште во Европа и Централна Азија се проценуваат како деградирани, што дополнително ја нагласува потребата од итни и координирани активности.

Генералниот директор посочи дека ФАО има јасна насока за дејствување преку Стратешката рамка 2022–2031, заснована на концептот „Четири подобри“ – Подобро производство, Подобра исхрана, Подобра животна средина и Подобар живот, без никој да биде изоставен.

Од 2015 година досега, финансиските средства насочени кон развој на агро-прехранбените системи во Европа и Централна Азија достигнале околу 21,4 милијарди американски долари, но, како што истакна Ку, тие сè уште не се доволни за да одговорат на реалните потреби на регионот.

Во услови на ограничени јавни буџети и намален прилив на приватен капитал, особено за малите и средни претпријатија, генералниот директор на ФАО повика на продлабочена соработка меѓу владите, развојните банки, меѓународните финансиски институции и приватниот сектор со цел обезбедување поголеми инвестиции во одржливи и отпорни агро-прехранбени системи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk