Токсичните хемикалии се наоѓаат насекаде околу нас – во облеката, козметиката, домашната хемија, пакувањата за храна – а можат сериозно да го загрозат здравјето на младите, нервите и хормоните. Последиците можат да вклучуваат дебелина, неплодност и висок крвен притисок.
Тестирањата во Германија покажуваат дека децата и тинејџерите се контаминирани со забранети пластификатори, пишува „Дојче веле“.
Што се всушност пластификаторите?
Пластификатор е општ термин за цела низа хемикалии кои се додаваат во материјалите, обично во пластиката и гумата, за да станат помеки и поеластични. Се наоѓаат во безброј секојдневни предмети како што се пластични завеси за туширање, проѕирни фолии, ПВЦ кабаници за дожд или флексибилни црева и изолација за домашни инсталации.
Пластификаторите, кои понекогаш се нарекуваат и фталати, се наоѓаат и во козметиката, како што се лакови за нокти, лосиони и шампони. Овде тие делуваат како стабилизатори кои ја одржуваат конзистентноста на производот или помагаат тие да бидат поотпорни на вода и да траат подолго.
Употребата на одредени пластификатори е забранета или строго ограничена во региони како ЕУ, САД, Канада и Јапонија поради нивното потенцијално штетно дејство врз здравјето на луѓето или животната средина. Сепак, тие сè уште широко се користат во други делови од светот.
Алармантни резултати од германските истражувања
Иако ограничувањата се особено строги кога станува збор за детските играчки, германските истражувачи во последните години забележале невообичаено високи нивоа на еден строго регулиран пластификатор кај малите деца.
Производот на разградување на пластификаторот моно-н-хексил фталат (MnHexP) е детектиран во 92% од примероците на урина кај 259 деца и адолесценти тестирани во текот на пролетта и летото 2025 година низ цела Германија.
Во првичната истрага од 2024 година, истиот тој продукт беше пронајден во речиси две третини од примероците на урина кај 250 деца на возраст од две до шест години во западната покраина Северна Рајна-Вестфалија – што претставуваше десеткратно зголемување во однос на периодот од пред три години.
Дирк Меснер, шеф на германската Сојузна агенција за заштита на животната средина (UBA), изјави дека иако присуството на MnHexP не било изненадување, загрижувачки е големиот удел на контаминирани примероци и високите концентрации. Агенцијата ги идентификуваше кремите за сончање како потенцијален извор на овој пластификатор, иако не се исклучуваат и други извори.
Како пластификаторите му штетат на здравјето?
Фталатите се сметаат за ендокрини дисруптори – што значи дека можат да го попречат соодветното работење на жлездите кои произведуваат хормони за регулација на растот, развојот и репродукцијата.
Европската агенција за хемикалии уште во 2013 година го класифицираше соединението DnHexP (од кое потекнува MnHexP) како „супстанца со многу висок ризик“, утврдувајќи дека е токсична за репродукција кај луѓето и дека може да има штетен ефект врз плодноста или да му нанесе штета на нероденото дете.
Долготрајната изложеност се поврзува со:
- Дебелина и дијабетес;
- Висок крвен притисок (хипертензија);
- Проблеми со нервниот и респираторниот систем;
- Нарушување на плодноста.
Постојат ли алтернативи?
Истражувачите испитуваат пластификатори на база на биолошки материјали (пченица, пченка, ориз, масло од репка). Сепак, некои од нив сè уште не се доволно ефикасни како традиционалните или се прескапи за производство. Најсигурен начин за избегнување на ризикот е користење производи за кои производителите гарантираат дека не содржат фталати.
Како да ја намалите изложеноста на пластификатори?
- Проверете ги ознаките: Барајте производи на кои јасно пишува „phthalate-free“ или „BPA-free“.
- Бирајте природни материјали: Купувајте дрвени играчки наместо пластични и облека од природни материјали (памук, волна, лен) без дебели гумирани печати (принтови).
- Стакло и не’рѓосувачки метал наместо пластика: Храната и пијалаците чувајте ги во стаклени или метални садови. Никогаш не загревајте храна во пластична амбалажа, особено не во микробранова печка.
- Внимателно со козметиката и домашната хемија: Избегнувајте производи со силни вештачки мириси, бидејќи фталатите често се користат за фиксирање на мирисот (на пример во омекнувачите). Користете ја опцијата за дополнително плакнење на машината за перење.
- Редовно проветрувајте: Фталатите се акумулираат во куќната прашина по испарување од подовите или мебелот, па честото чистење со правосмукалка и проветрувањето се клучни – особено ако имате мали деца.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата