logo
logo
logo

Пратеник од Западна Австралија го смени своето име во Оси Трамп

Vecer | 06.02.2025

Пратеник од Западна Австралија го смени своето име во Оси Трамп

Оси Трамп, порано нарекуван Бен Докинс, е независен пратеник во Горниот дом на Парламентот на оваа австралиска сојузна држава, каде што лабуристите имаат мнозинство.

„Оси“ (Aussie), всушност, е австралиски сленговски назив за „Австралиец“. Докинс, сега, званично се вика Остин Летс Трамп. Тој на својот интернет-простор го објави и официјалниот документ со своја фотографија и правна потврда за промена на името од Државниот регистар на родени, умрени и венчани. Името на пратеникот, исто така, е додадено и на интернет-страницата на Парламентот.

„Покренав политички протест против тиранијата и системската корупција на лабуристичката Влада“, напиша пратеникот синоќа на Икс, потпишувајќи се како Оси.

„Гласајте против лабуристите! И - 'да ги избушиме јако'! ('Drill Baby Drill!')“, напиша Оси во друга објава, повторувајќи ја крилатицата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој со неа најави зголемено искористување на нафтата и гасот во САД.

Патем, Бен Докинс беше исклучен од Лабуристичката партија во 2023 година, поради повеќекратни наводни прекршувања на забраната за семејно насилство.

- Со ова, тој само привлекува внимание, рече премиерот на Западна Австралија, Роџер Кук, кој ги предводи Лабуристите. - Не сум сигурен колку ниско може да оди, додаде тој.

Во Западна Австралија следниот месец се одржуваат локални избори, пред целата земја да излезе на општи избори коишто мора да се одржат до мај. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk