logo
logo
logo

Поради лошиот јавен превоз на Куба, со закон е задолжително земањето автостопери

Vecer | 14.12.2024

Поради лошиот јавен превоз на Куба, со закон е задолжително земањето автостопери

Благодарение на конкретен закон, државните возила се обврзани да застануваат и да примаат автостопери, додека приватните возачи често примаат патници, понекогаш и за номинална сума. Ова правило важи на сите видови патишта, а автостоперите може да се видат како креваат палци по локалните улици, патишта, па дури и автопати.

Кубанците ја гледаат оваа практика како неопходно решение поради лошо организираниот јавен превоз. Повеќето жители немаат пристап до лични возила, бидејќи повеќето автомобили, автобуси и мотоцикли се во државна сопственост. Само мал број луѓе имаат дозвола за поседување приватни возила, што дополнително ја ограничува можноста за мобилност. Како што велат жителите, „јавниот превоз е очаен, ова е единственото решение“.

Според извештајот на Би-Би-Си, до 2013 година, во Куба можеле да се купуваат и продаваат само автомобили произведени пред Кубанската револуција во 1959 година. Законот кој тогаш беше изменет му овозможи на локалното население да купува нови и користени возила без посебни дозволи. Сепак, голем број автомобили на улиците се сè уште американски и советски модели од 1950-тите, што е резултат на повеќедецениската забрана за увоз.

Екстремната сиромаштија во земјата дополнително ја усложнува ситуацијата, бидејќи според овогодинешниот извештај на Кубанската опсерваторија за човекови права, дури 89 отсто од семејствата во Куба живеат во тешки услови. Затоа автостопот не е само авантура или избор, туку основна потреба за поголемиот дел од населението.

Оваа специфична практика ја прави Куба единствена во светот, каде автостоперите не само што се прифатени, туку и заштитени со закон како дел од секојдневниот транспорт.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk