logo
logo
logo

Овцата Доли – симбол на развојот на науката, но и на етичките дебати

Vecer | 05.07.2025

Овцата Доли – симбол на развојот на науката, но и на етичките дебати

На 5 јули 1996 година „родена“ е овцата Доли, првиот цицач успешно клониран од возрасна клетка. Доли е создадена со помош на техника позната како трансфер на јадро на соматски клетки.

Научниците од Институтот Рослин во Единбург, предводени од Иан Вилмут и Кит Кембел, зедоа јадро од клетка на млечна жлезда од возрасна овца Фин Дорсет и го префрлија во јајце клетка на која ѝ беше отстрането сопственото јадро. Јајцеклетката потоа беше имплантирана кај сурогат мајка, што резултираше со раѓање на Доли. Овој процес докажа дека диференцираните клетки од возрасен организам можат да се репрограмираат за да се создаде комплетен организам.

Клонирањето на Доли покажа дека е можно да се создаде генетски идентичен примерок на возрасен цицач.

По Доли почнаа истражувањата во регенеративната медицина, генетските терапии, а го поттикна и развојот на технологии за матични клетки, кои имаат потенцијал за лекување на различни болести.

Овцата Доли живееше 6,5 години, а на 14 февруари 2003 година е еутаназирана поради тумор на белите дробови.

Клонирањето на Доли предизвика загриженост дали слична технологија може да се примени и на луѓето. Голем број земји воведоа закони со кои се регулира или забранува клонирањето на луѓе, додека клонирањето на животни и понатаму се истражува. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk