Кон методите за пронаоѓање партнер, како следењето хороскоп, гледање во тарот, сега може да ја додадеме и следнава, каде крвната група е клучна. Досега, на темата крвна група говореа само поборниците на т.н. исхрана според крвните групи, а сега се појавија теории на јапонски стручњаци според кои крвната група ги одредува карактеристиките и потребите на луѓето, па во зависност од комбинацијата на крвните групи, но и резус факторот, одделни лица може повеќе да се привлекуваат или одбиваат. Па така, според оваа интересна теорија, разликуваме лица на кои им е потребен мир, или кои сакаат поприврзан партнер, додека некои се повеќе склони кон авантури или одржување на чувството на слобода.
Каков партнер ви одговара според крвната група?
Крвна група А
Овие личности ги карактеризира потребата за емоционална сигурност и мир. Нив не ги привлекуваат бурни односи, непредвидливост и експлозивност. Напротив, овие личности ги привлекуваат внимателни, грижливи и скромни лица. Тие високо ги вреднуваат малите знаци на внимание, искреност, неретко и долгите разговори, отколку мегаломанските изливи на емоции.
Крвна група Б
Луѓето кои се носители на оваа крвна група бараат спонтаност, страст и чувство на слобода. Нив ги привлекуваат силни, харизматични личности со возбудлив живот, додека живот според шаблон и правила, буквално, ги одбива. За нив врската мора да биде инспиративна, креативна, а партнерот мора да ја почитува независноста.
Крвна група АБ
Носителите на оваа крвна група бараат емоционална и интелектуална поврзаност. Ги привлекуваат луѓе со кои може да водат длабоки разговори, но и оние кои ја сфаќаат потребата за повремена одвоеност.
Ги карактеризира честа промена на расположението и важно е партнерот да ја прифаќа оваа нивна особеност.
Крвна група 0
Личностите со крвна група 0 бараат интензивни односи и силна приврзаност. Сакаат силни емоции и јасни знаци на внимание. Партнерот мора да биде сигурен во себе, но и да има доволно топлина за да им понуди чувство на важност.
Оваа револуционерна теорија може да се разработува понатаму, доколку како параметар се земе и резус факторот, односно дали крвната група е позитивна или негативна, но и полот на личноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата