Малкумина знаат дека Џеки Кенеди, вечната персонификација на сè што носи изразот „прва дама“, титулата на една од најголемите икони на стилот на минатиот век ја должи на својата помлада сестра, Ли Радзивил. Згора на тоа, можеби таа не би ни постоела да не беше таа софистицирана и отмена жена со отворен ум, која се дружеше со најталентираните и најекстравагантните луѓе на своето време, а најтешките животни удари ги издржа храбро, на нозе и на високи потпетици.
Ли Радзивил, „неверојатна дама со истакнати црти на лицето, совршено држење и врвно чувство за мода“, беше најпозната како помладата сестра на Џеки Кенеди, иако многу биографи сметаат дека постарата без неа не би ни постоела. Или барем светот не би го создал митот за поранешната прва дама што ја следи до денешен ден. За тоа се расправа веќе со децении, со добра причина. И едната и другата беа несомнени икони на стилот, иако некои сведоци на времето без размислување ќе кажат дека таа титула далеку повеќе ја заслужуваше Ли, една од најотмените жени во современата историја.
Каролина Бувие го здогледа светот на 3 март 1933 година. Три тројки... Што би рекле астролозите и нумеролозите за овој датум? „Големи се шансите дека девојчето родено на тој ден ќе има интересен живот исполнет со настани...“ Имаше сè од тоа. Сепак, како дете, малата Ли нејзината мајка редовно ја критикуваше и во секоја прилика ја споредуваше со Џеклин, сметајќи дека постарата сестра била „поубава и попаметна, и дека од денот на раѓањето била вистинска дама“.

Опсесивната мајка го контролираше секој чекор
Таткото, пак, сосема поинаку се однесуваше кон помладата ќерка. Од него добиваше внимание, љубов и наклонетост, иако тоа не траеше долго бидејќи Џон Бувие III поради проблеми со алкохолот на крајот беше исфрлен од дома. Каролина исто така се обидуваше да го напушти домот, еднаш за малку и ќе успееше. „Не стигнав далеку, бидејќи на нозете ги имав чевлите со високи потпетици на мајка ми“, се присети подоцна со насмевка. Оттогаш, Џенет Ли Бувие го контролираше секој чекор на своите деца.
Таа беше толку опсесивна, што сестрите сонуваа само како што побрзо да побегнат од „затворот“. Во тоа време постоеше само еден начин: мажачка, по можност за богат човек. Дедото по мајка ги принуди да се откажат од значителното семејно богатство, па така, лишени од наследство, веднаш сфатија што треба да направат. И што би можело да биде нивниот спас... Во случајот на Каролина, тој спас се викаше Мајкл Канфилд.

„Бев млада, а тој паметен и згоден“, рече Ли, која имаше 20 години кога го изговори првото судбоносно „да“. Необуздени забави, патувања по светот – беше на седмото небо. Сè додека нејзиниот маж не почна да пие. „Се обидовме да го средиме проблемот, но не успеа. А потоа го запознав Стас...“
Звучно презиме, титула принцеза и неограничен буџет
Станислав Албрехт Радзивил беше потомок на угледно полско-белоруско кнежевско семејство, а кога почнаа да се гледаат, тој беше во процес на развод од втората сопруга. Се венчаа во март 1959 година. Радзивил на својата нова сопруга, меѓу другото, ѝ подари звучно презиме кое го користеше до крајот на животот, титула, карта за влез во високото општество и неограничен буџет.

Толку уживаше во животот, што целосно ги игнорираше постојаните изневерувања на својот маж. Можеби затоа што тој ѝ простуваше за претераната расипност? Згора на тоа, често се шегуваше на таа сметка и се чинеше дека воопшто не му пречи. Сè испадна совршено за сестрите Бувие: помладата стана принцеза, а постарата прва дама на Соединетите Држави. Додека Џеклин живееше во Америка, Каролина се одлучи за Велика Британија. Но, цело време беа во контакт: Џеки секојдневно се консултираше со Ли за тоа што да облече за разни настани. Бидејќи, Ли беше таа што поседуваше истенчен вкус, но некако секогаш остануваше во сенка.
Многу пари трошеше на облека, но половина од работите всушност беа наменети за Џеки: скоро секој ден од Лондон во Вашингтон патуваше посебен куфер со избрана гардероба и јасни упатства за тоа што и како да комбинира.
Вечно во сенка на постарата сестра
Ли уживаше помагајќи ѝ на сестра си во изборот на аутфити, но истовремено сакаше и самата да се истакне. Се обиде да напише роман – не успеа. Размислуваше и за тоа да стане актерка, но нејзин пријател, познат режисер, ја одврати од таа намера. Зеде во раце и бои и четки, меѓутоа, не се прослави ниту како сликарка. Единственото во што се истакнуваше (освен модата), и за што навистина беше многу талентирана, беше дизајнот на ентериер. Се покажа дека тоа е паметна идеја, особено по разводот од Стас.
Неговите вонбрачни авантури ја поттикнаа и таа самата да се впушти во една. Случајно на еден прием го сретна Аристотел Оназис, моќниот грчки бродосопственик, кој неколку години подоцна ќе се ожени – со нејзината сестра. Но, првиот предмет на неговото внимание беше преубавата Каролина. Воопшто не го вознемируваше фактот што таа беше мажена, а тој во врска со Марија Калас.

На патот им застана токму Џеки, која по атентатот на Кенеди цврсто реши да продолжи со животот и повторно да се омажи – за нов влијателен човек. Се венчаа во 1968 година, додека нејзината помлада сестра ги подготвуваше хартиите за развод. Но, ни Ли не губеше време... На листата на нејзини љубовници завршија калифорнискиот тајкун Њутн Коуп, како и кореографот и режисер Херберт Рос, кој ќе ѝ стане трет сопруг. Во таа врска немаше премногу страст (таа имаше 55, тој 61 година), повеќе беше заснована на заемно почитување. И можеби ќе живееја среќно до крајот на животот, да не беше една работа: Херберт беше опседнат со својата покојна сопруга, балерината Нора Кеј, и постојано ја споредуваше со актуелната. Ли тоа го трпеше долго – дури 13 години, колку што траеше бракот.
Со вториот маж ги доби синот Ентони и ќерката Ана. Бидејќи нејзиното детство беше лишено од родителска љубов, се трудеше на своите деца да им пружи максимално внимание и сета наклонетост што самата не ја добивала. Особено близок однос разви со синот.
Ентони Радзивил беше продуцент и режисер. Успешна кариера (за што сведочат две награди „Еми“) и складно семејство – имаше сè што му беше потребно за да биде вистински среќен. Меѓутоа, на среќата ѝ застана на пат ненадејна болест. Лекарите му дијагностицираа рак, а прогнозите не ветуваа... Летата 1999 година беше најстрашното во животот на Ли Радзивил. Кон средината на јули, нејзиниот сакан внук Џон Кенеди Помладиот го изгуби животот во авионска несреќа, а 25 дена подоцна остана без единствениот син. Ќерката, Ана Радзивил, денес има 62 години и се занимава со продукција. За разлика од својата мајка, не сака медиумско внимание и се труди да се држи што подалеку од очите на јавноста.
Пријатели од високото општество
Ли никогаш не сакаше да зборува за приватниот живот, но секогаш со големо задоволство зборуваше за бројните и многу познати пријатели. Меѓу нив беа и Енди Ворхол, Труман Капоти, Рудолф Нуреев, „Ролингстонси“ со кои одеше на турнеја... Оваа отмена и софистицирана дама беше поддеднакво заинтересирана и за гламурозни настани на кои ја гледаа во најелегантни креации, и за диви рокерски забави, кога, наместо во некое совршено скроено кашмирско палто, се појавуваше во црна кожна јакна и лудуваше до зори.
Се дружеше и со реномирани дизајнери (Ив Сен Лоран, Џамбатиста Вали, Марк Џејкобс...), а посебен однос разви со Џорџо Армани, за кого работеше повеќе од десет години. Тоа се случи кога се разведе од вториот маж. Бидејќи ѝ беше потребно нешто со што би се занимавала, Армани ја постави за шефица на својот оддел за односи со јавноста, па организираше настани во име на брендот и состаноци со богати клиенти, а облекуваше и многу познати личности. „Да, беа тоа прекрасни времиња...“, се присети еднаш.
Дури и кога веќе не можеше да оди без помош на бастун, тој факт на ниту еден начин не го наруши гламурот и харизмата со кои едноставно зрачеше: и понатаму ја носеше истата совршена фризура, омилените „smoky“ сенки за очи, розов кармин, сакоа од твид, класични панталони, балетанки... Последен пат е видена во јавноста во 2017 година, на ревија на Каролина Ерера. Светот дури по нејзината смрт, на 15 февруари 2019 година, дозна дека страдала од Алцхајмерова болест.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата