logo
logo
logo

Останките од мускетарот Д'Артањан откриени под холандска црква, според нови наоди и претпоставки

Vecer | 26.03.2026

Останките од мускетарот Д'Артањан откриени под холандска црква, според нови наоди и претпоставки

Јос Валке, ѓакон во црквата „Свети Петар и Павле“, кој учествувал во откривањето на скелетот, изјави дека е „99 отсто сигурен“ дека останките му припаѓаат на Шарл де Бат де Кастелмор, познат како грофот Д’Артањан – близок соработник на францускиот крал Луј XIV. Мускетарот бил убиен за време на опсадата на Мастрихт во 1673 година, а подоцна беше овековечен во романите на Александар Дима.

Според историските наоди, Д’Артањан бил погоден во грлото од мускета додека Луј XIV се обидувал да го освои градот. Иако долго време постоеја гласини дека е погребан во оваа црква, досега немаше материјални докази. Откритието се случило случајно, при поправка на оштетени подни плочки.

Ѓаконот Валке изјави дека никој досега не копал под подот, но бидејќи неколку ќерамиди биле скршени, сега е одлучено да се погледне и таму, објави „Би-би-си“.

- Пронајдоа ѕид и проверија понатаму. Во тој миг беше повикан и археолог, кој го откри скелетот под местото каде што пред 200 години стоел олтарот на црквата. Настана тишина кога ја пронајдовме првата коска, рече Валке, додавајќи дека има неколку показатели дека скелетот припаѓал на личност со висок ранг, односно „десната рака на Кралот Сонце“.

До скелетот е пронајден куршумот што веројатно го усмртил мускетарот, како и паричка од 1660 година. Археологот Вим Дајкман, кој 28 години трага по гробот на Д’Артањан, за локалниот медиум „Омруп Лимбург“ изјави дека очекувањата се високи, но повика на трпение до официјалната ДНК-потврда.

- Сепак, претпочитам да почекаме ДНК-потврда за идентитетот на скелетот. Веќе 28 години трагам по гробот на Д'Артањан. Ова би можело да биде врвот на мојата кариера - изјави Дајкман.

Од остатоците е земен примерок и во мигов тој се анализира во Германија, додека дел од коските се однесени во холандскиот град Девентер за да се процени староста на скелетот, потеклото, како и да се утврди полот.

Иако Д’Артањан е вистинска историска личност, неговите тројца соборци од романите на Дима се главно фикција, иако инспирирани од реални членови на елитната кралска гарда. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk