Најмалку 11 лица починале од легионерска болест, а полските власти истражуваат дали водата што ја носи бактеријата била намерно испуштена.
Полската агенција за национална безбедност истражува дали епидемијата на легионерска болест во која починале најмалку 11 луѓе е резултат на намерно манипулирање на водоводниот систем, соопштиле властите.
Бактеријата Легионела која ја предизвикува болеста е пронајдена кај 113 пациенти во болница во Жешов, во југоисточна Полска, клучен транспортен центар за меѓународна воена поддршка за Украина. Во областа се стационирани и околу 10.000 американски и околу 400 британски војници.
Седумте лица кои починале биле на возраст меѓу 64 и 95 години и имале други медицински состојби.
Претставници на Агенцијата за домашна безбедност прегледаа различни локации во областа, но првенствено водните линии од каде експертите се сомневаат дека бактеријата може да потекнува. Заменик министерот за државни специјални служби Станислав Зарин рече дека обидите на Русија да сее „паника“ меѓу сојузниците на Украина се меѓу причините за инспекцијата.
„Ова е факторот што не натера да преземеме чекори за елиминирање на некои сценарија“, рекол Зарин.
Членка на НАТО, Полска ја поддржала Украина за време на инвазијата на Владимир Путин, а нејзината влада вели дека нацијата била изложена на различни форми на руска хибридна војна. Градоначалникот на Жешов, Конрад Фијолек, рече дека властите тестираат примероци вода за Легионела и дека резултатите ќе бидат познати во понеделник.
Претходно приватното радио РМФ објави дека службениците на Агенцијата за внатрешна безбедност ги проверуваат локалните водоводни системи и засега не нашле причина да се сомневаат во саботажа.
Градските власти минатиот викенд одлучија да спроведат дезинфекција со хлор и озон на повеќе од 1.000 километри цевководи во Жешов, и ги уверија жителите дека нивоата на употребениот хлор ќе бидат безбедни за луѓето.
Легионелата е белодробна инфекција која се шири со вдишување загадена вода, а не со пиење. Обично може да се најде во хотели, болници или канцеларии каде бактериите навлегле во водоводот, на пример во системите за климатизација или во славини и тушеви кои не се користат често.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата