logo
logo
logo

ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад во 2023 година

Vecer | 25.04.2024

ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад во 2023 година

Во извештајот се вели дека во 2023 година бројот на луѓе кои се соочиле со акутен глад се зголемил за 24 милиони во споредба со 2022 година поради наглото влошување во сигурноста на снабдувањето со храна, особено во Појасот Газа и Судан. Исто така, се нагласува дека ОН го зголемиле бројот на земји во кои го следат снабдувањето со храна во однос на 2022 година.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во воведот на извештајот изјави дека тој претставува „прозивка за неуспесите на човештвото“ и оти „во свет на изобилие, деца умираат од глад“ и повика на итен одговор на меѓународната заедница на наодите од извештајот, кој би вклучувал трансформација на глобалниот систем за снабдување со храна и зголемување на помошта за најзагрозените области.

- Конфликтите што избувнаа во последните 12 месеци доведоа до катастрофална глобална ситуација, нагласи Гутереш.

Главниот економист на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), Максимо Тореро, рече дека 705.000 луѓе во пет земји се во петта фаза, највисоко ниво на скалата на глад утврдена од меѓународни експерти, што е највисока бројка откако се изготвува глобалниот извештај од 2016 година, а минатата година се зголеми за четири пати во споредба со таа почетна година.

Повеќе од 80 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад, 577.000 од нив, се во Појасот Газа, рече Тореро. Според него, илјадници луѓе се соочуваат со катастрофален глад во Јужен Судан, Буркина Фасо, Сомалија и Мали.

Според проценките на ОН, околу 1,1 милион луѓе во Појасот Газа и 79.000 во Јужен Судан ќе се соочат со екстремен глад до јули. Исто така, се истакнува дека конфликтот на Хаити ќе продолжи да влијае на несигурноста на храната во таа земја, каде вооружени банди контролираат голем дел од главниот град Порт-о-Пренс. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk