Грбав кит кој со денови беше насукан покрај балтичкиот брег на Германија, успеа да се ослободи доцна во саботата откако се заглави на друг песочен нанос, изјави портпаролот на министерството за животна средина на сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија.
Го следеше поморска полиција
Китoт го следеше поморската полиција, рече Клаус Танцен, додавајќи дека се плашат дека, со оглед на тоа што водите во областа се многу плитки, животното би можело повторно да се заглави.
Несреќното животно привлече големо медиумско внимание откако се насука на песочен нанос кај германското одморалиште Тимендорфер Штранд во близина на Либек рано наутро во понеделник.
Неколкудневните напори за ослободување на китот, долг помеѓу 12 и 15 метри, се покажаа неуспешни сè додека спасувачите не ископаа канал во околното песочно подрачје со пловечки багер во четвртокот, дозволувајќи му на китот слободно да отплива следната ноќ.
Китот повторно се насука, но успеа да се извлече
Но, екологистите и морски експерти изразија страв дека китот повторно би можел да се заглави во плитките води во Балтичкото Море, бидејќи по пливањето бил виден како се враќа во поплитко подрачје.
Тоа се оствари во саботата. Китот повторно се насука на песочна ридка во заливот Висмар, околу 40 километри источно од Тимендорфер Странд, соопшти Гринпис. Но, на крајот сè заврши добро кога животното сепак успеа да излезе од плитките води и да отплива.
Големите китови, како што се грбавите китови, не се родени во Балтичкото Море, но повремено завршуваат таму откако ќе следат јата риби во потрага по храна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата