logo
logo
logo

Одбележан Светскиот ден на лица со попреченост

Vecer | 05.12.2022

Одбележан Светскиот ден на лица со попреченост

Со панел дискусија за социјалното претприемништво како алатка за инклузија, мини саем на социјални претпријатија, доделување благодарници и музичка програма и дружење под мотото „Сите сме еднакви!” вчера во с. Опила, Ранковце, се одбележа светскиот ден на лицата со попреченост во организација на социјалното претпријатие „Кантрисајд ретрит“.

Присутните, како што информираат организаторите, имале можност да ги слушнат искуствата и размислувањата на панелистите Давид Неделковски од „Кози млеко планина“, кој е одгледувач на кози и производител  на козји млечни производи од село Раштак и Предраг Стошиќ, директор на социјалното претпријатие Раданска Ружа од Србија и воедно да постават прашања кои би им помогнале да ги зајакнат своите социјални претпријатија, дознаат повеќе за можностите за пласман на производи, соработка, извори на финансирање или пак да се инспирираат за нови идеи за бизниси со општествен импакт.

– Тоа што е заедничко за српскиот ајвар и македонското сиренце, не е само тоа што тие заедно одат најдобро (исто како и прекуграничната соработка на нашите две соседски земји), туку што тие се примери на бизниси кои се локални, кои прават добро за луѓето, и се приказни кои можат да се најдат на европските пазари и да раскажат за потенцијалот на солидарната економија. Сите ние мора да најдеме начини да ги поддржиме социјалните претпријатија, кои пак можат да поддржат различни групи на граѓани преку работна инклузија. Ова е една од пораките на нашиот прекуграничен проект кој го спроведуваме со Траг Фондација и Оптимист од Србија, изјави Јасмина Саид, координаторка на проектот во АРНО.

Настанот е организиран од страна на Кантрисајд ретрит,  Europe House Крива Паланка и здружение „Хендикеп плус“ со поддршка од општина Крива Паланка, општина Ранковце, и прекуграничниот европски проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ кој го имплементира здружението „АРНО”.

На настанот присуствувале претставници на делегацијата на Европската Унија во Скопје, учесниците од Академијата за социјално претприемништво, претставници на локалната самоуправа, донаторската заедница, претставници од граѓанскиот сектор, социјални претпријатија и посетители.

Проектот „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ е финансиран од Европската унија преку Секторот за договарање и финансирање на програми од средства на ЕУ на Министерството за финансии на Република Србија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Македонија 2016-2020), а се имплементира во партнерство на здруженијата “АРНО” од Македонија, Оптимист и Tраг фондација (координатор) од Република Србија. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk