logo
logo
logo

Од 16.07. 2024 до 26. 07. 2024 изложба ќе имаат Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски

Vecer | 15.07.2024

Од 16.07. 2024 до 26. 07. 2024 изложба ќе имаат Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски

Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска ќе се престави со проектот „ALTUM SILENTIUM“. „ALTUM SILENTIUM“ има за цел да ги презентира актуелните и визуелни истражувања на авторката во сликарството паралелно со цртежот. Во нејзините дела таа ги истражува правата на имигрантите и го дефинира видот на уметност што се создава за да постои во одреден политички момент, со што врши потенцијално политичко и општествено влијание врз самото уметничко дело. Таа има развиено уникатно тело на уметност што се занимава со реалноста и сегашноста, а не со традиционалните начини на претставување. Овој пристап им овозможува на гледачите да искусат жива меморија на општествениот активизам каде уметникот ги замаглува границите помеѓу уметноста и животот. Целиот проект содржи длабок пост-концептуален пристап, со цел да се „разјасни“ дека уметноста понекогаш не мора да има значење сама по себе, туку да дејствува како столб на тековниот експеримент и како дијалог во една поголема уметничка парадигма. Како концептуален уметник, Пандора Апостолоска Саздовска го сведува материјалното присуство на делото на апсолутен минимум. Инспирирана од секојдневната рутина, таа ги користи текстот и бројките за да изрази своевидна фрагментација на реалноста како критика на општеството во кое живееме.

Скулпторот Сашо Саздовски ќе го престави проектот со наслов ”СИНЕРГИЈА”. Проектот “СИНЕРГИЈА”има за цел да ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата. Тој е дел од истражувачката серија на скулптри во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност. Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат за цел да го презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата. 

Кратка биографија

ПАНДОРА АПОСТОЛОСКА САЗДОВСКА е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 г. дипломира на Академијата за ликовни уметности во Скопје Македонија. Уметничката практика на Пандора Апостолоска Саздовска е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го музејот за современа уметност во Македонија, националниот музеј во Индија, музејот на Марк Ротко во Латвија, национален музеј во Кина, центарот за современа уметност во Абу Даби, Фондацијата Хејдар Алиев во Азербеџан, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан и Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, Центарот за современа уметност во Нормандија, Уметничка фондација Ал Алшамах во, Катар , уметничко биенале во Малезија, 19 Азиско биенале во Бангладеш, 58 Биенале за архитектура во Венеција, центарот за современи уметности во Шпанија, Мароко, Тунис, Саудиска Арабија, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Хрватска, Словенија, Русија, Кореја и на други места. За нејзината работа таа е наградена од Европскиот град на културата UMEA во 2014 година во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визитинг професор по современа уметност, проект поддржан од Нејзиното Височество Шеиха Џавахер Бинт Мохамед Ал Касими, на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати ОАЕ,а во 2023 година беше визитинг професор на Архипелаго Универзитетот во Сокотра, Република Јемен.

www.pandorasazdovska.blogspot.com

www.instagram.com/pandorasazdovska

САШО САЗДОВСКИ е скулптор и истражувач. Во 2000 год. дипломирал на Академијата за ликовни уметности, а во 2002 година магистрира на Катедрата за скулптура на Академијата за ликовни уметности во Скопје Македонија.  Уметничката практика на Сашо Саздовски е научно истражувачка. Во своите истажувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот.  Тој досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го центарот за современа уметност во Абу Даби ОАЕ, уметничкиот центар Марк Ротко во Латвија, фондацијата Хејдар Алиев Баку, Азербејџан, националниот музеј во Индија, Центар за современа уметност MECA Алмерија Шпанија, 58 Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14 Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија и други места. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури во јавен простор. Сашо Саздовски досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Саудиска Арабија, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје Македонија.

www.sazdovski.blogspot.com

www.instagram.com/sashosazdovski 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk