logo
logo
logo

НОВА ФЕЈСБУК ИЗМАМА - Не отворајте пораки со ваква содржина!

Vecer | 03.06.2023

НОВА ФЕЈСБУК ИЗМАМА - Не отворајте пораки со ваква содржина!

Различни опасности демнат на најпопуларната социјална мрежа во светот, па затоа корисниците мора секогаш да внимаваат при кликнување на линкови, комуникација со непознати лица, а особено кога договараат купување и продавање, како преку Фејсбук, така и воопшто на интернет. Една од измамите која беше вообичаена во минатото, а се покажа како доста ефективна, е поврзана со лажни информации за нечија смрт.

Ваквите линкови, со наслови како „види кој умре“ или „нема да веруваш кој умре“, се објавуваат како статуси или се шират во приватни пораки, а бидејќи во нив не се споменува кој починал, корисниците често без размислување кликнуваат на нив. Тогаш почнуваат нивните проблеми, бидејќи на тој начин може да се шират вируси, да дојде до измама, кражба на податоци и слично.

Ваквата измама се врати на Фејсбук и австралиските корисници во моментов се на мета, но дефинитивно треба да бидете внимателни во случај слични линкови да почнат да се шират на други територии.

Откако корисниците на Месинџер ќе добијат порака „види кој умре“, треба да кликнат на линкот што ги носи на страница на која пишува дека ако сакате да ги читате вестите, треба да ги внесете вашето корисничко име и лозинка на Фејсбук. Со тоа, секако, ги предавате на измамници, а во истиот момент корисниците кои ги внесуваат тие информации се одјавуваат од Фејсбук и повеќе немаат пристап до нивниот профил. Исто така, на овој начин може да се преземе злонамерна програма која може да ги следи корисниците и да ги украде нивните чувствителни податоци.

Проблемот што ја прави оваа измама веродостојна е тоа што, откако некој ќе ја отвори, истата порака се испраќа преку Месинџер до луѓето на нивната контакт листа, така што поневнимателните примачи нема ни да размислуваат за потенцијалните опасности бидејќи пораките доаѓаат од пријатели или роднини.

Она што корисниците треба да го знаат е дека никогаш не треба да ги внесуваат своите Фејсбук детали за да прочитаат вест што ја добиле преку линк и мора добро да размислат пред да отворат такви линкови.

Овие правила важат не само за Фејсбук, туку и за сите услуги, платформи и слично што ги користите на интернет. Секогаш мора да биде присутна претпазливост, особено во ситуации кога треба да ги внесете вашите лични податоци.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk