Ако некогаш цели генерации си ги честитаа новогодишните и божиќните празници со шарени честитки испратени по пошта дури и од најоддалечените места на светот, сега најголем дел од луѓето тоа го прават за миг, преку различни дигитални социјални мрежи.
Дека навистина опаѓа продажбата на хартиени новогодишни честитки, потврди за МИА и Ленче Бошева, долгогодишна продавачка на најразлични новогодишни честитки во боја. Таа сподели со нас дека во ваквата продажба е вклучена веќе 25 години. Најмногу честитки, околу десет илјади, продала некаде во 2012-2013 година. Всушност, како секоја куќа од едно мало гратче, да купила честитка, за да израдува некого за празниците. Една честитка, тогаш чинела два денара. Се случувало, една личност да купи и поголем број на честитки.
- Од година во година, опаѓа продажбата. Многу ретко, да купи некој честитка. Оваа сезона, не знам дали ќе продадам и илјада честитки. Можеби не. Сега, чинат по десет денари. Во разговор со многу од луѓето, ми велат дека не купуваат, оти честитале и посакувале остварување на најубави желби, преку интернет. Повеќето од тие со кои сум разговарала, истакнуваат дека во дигиталниот свет имало многу убави честитки за празниците. Сепак, сметам дека не треба да замре испраќањето на хартиени новогодишни честитки, бидејќи тие имаат нешто посебно во себе, носат некоја посебна емоција со себе, носат порака, носат историја, носат традиција. Верувам дека сите би биле изненадени, доколку добијат новогодишна честитка што е доказ дека некој се сетил на нив, со сопствен ракопис да им ги посака најубавите нешта во светот, ни рече Бошева.
Минатата година, пак се продавала по некоја честитка, но, годинава, уште поретко. А од тие што се продавале, главно биле, музичките и тие со плик, а обичните, не. Имало луѓе што сентиментално се задржувале крај нејзиниот штанд за продажба на хартиени новогодишни честитки.
- Има луѓе во средна доба што се емотивно врзани за традицијата за испраќање на честитки преку пошта. Тие купуваат честитки, со желба повторно да се врати традицијата, ако воопшто може да се врати времето како што беше во минатото. Младите, претежно не сакаат, тие се повеќе свртени кон интернетот, ни откри 44-годишната продавачка.
Со многу носталгија во гласот, ни рече дека е среќна, што генерациски, фатила од тоа време кога испраќањето честитки беше омилен обичај на многу генерации.
И луѓето кои ги сретнавме како разгледуваат околу нејзината тезга, ни потврдија дека се сеќаваат, како во едни минати времиња, поштарот носеше вреќи новогодишни честитки. Од толку многу што имаше, некои стигнуваа на вистинската адреса, дури по празниците. Тие се потсетија на времињата кога со радост и возбуда се очекуваше поштарот да донесе новогодишни честитки. Според нив, најмногу, сепак се радуваа децата и повозрасните. Но и оние, на кои честитките, им значеа абер од блиските во туѓина.
- Новогодишните хартиени честитки, во мое време, беа и прекрасна игра за моето малечко дете. Другарувајќи со нив, ги учеше боите, осознаваше за зимата, за снегот, ја развиваше својата меморија бидејќи по сликата на честитката, знаеше од кого е испратена, уште кога не знаеше да чита, коментираше една средовечна жена.
Случајните минувачи се согласија дека интернетот е дел од новото време и е добар додека паметно се користи. Но, дека, една универзална порака за Нова година испратена преку интернет - стикер, никогаш не може да го замени оригиналното честитање празници, испишано со сопствен ракопис и единствена порака од длабочината на срцето и душата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата