logo
logo
logo

Нобеловата награда за физика им припадна на тројца квантни научници од САД

Vecer | 07.10.2025

Нобеловата награда за физика им припадна на тројца квантни научници од САД

Нобеловата награда за физика оваа година ја добија Џон Кларк, Мишел Х. Деворе и Џон М. Мартинис „за откривање на макроскопско квантно механичко тунелирање и квантизација на енергијата во електрично коло“, соопшти денеска Кралската шведска академија на науките.

Тројцата научници се поврзани со Универзитетот во Калифорнија (UC), а Деворе има и ангажман на Универзитетот Јеил. Деворе и Мартинис работат во кампусот Санта Барбара на Универзитетот во Калифорнија, северозападно од Лос Анџелес, додека Кларк е дел од Универзитетот во Беркли, во близина на Сан Франциско.

„Квантната механика ѝ овозможува на честичка да помине директно низ пречка, преку процес што се нарекува тунелирање,“ се наведува во соопштението на Академијата при објавувањето на наградата во вторникот.

Во соопштението се објаснува дека едно од клучните прашања во физиката е – колку голем може да биде системот кој сè уште покажува квантни механички ефекти.

Оваа година, добитниците спровеле експерименти со електрично коло во кое „ги демонстрирале и квантното механичко тунелирање и квантизираните енергетски нивоа во систем доволно голем за да може да се држи во рака“.

Кога се вклучени голем број честички, ефектите на квантната механика обично стануваат занемарливи. Но, експериментите на овие физичари покажале дека „квантно-механичките својства можат да се направат видливи и на макроскопско ниво“.

– Прекрасно е што славиме како квантната механика, стара веќе еден век, и понатаму нè изненадува со нови откритија. Таа е и исклучително корисна, бидејќи ја претставува основата на целата дигитална технологија, изјави Оле Ериксон, претседател на Нобеловиот комитет за физика. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk