Ампутацијата на двете нозе, извршена пред две години, не беше пречка за 38-годишниот Златко Ѓоргиев од Виница да постигне неверојатен успех на маратонската трка во Базел, Швајцарија. Со помош на двете протези, за 50 минути и 40 секунди ги помина петте километри и стигна до целната линија.
Ѓоргиев веќе една деценија живее со семејството во Швајцарија, каде што се случил несреќниот случај што му ги одзел нозете.
Во интервју за МИА, тој раскажува за своето искуство и мотивацијата да продолжи со животот:
– На 13 март минатата година мојот живот целосно се промени. Додека го чистев камионот, багерот случајно ме удри и ги скршил нозете под колената. Благодарение на брзата реакција на Итната помош, за 20 минути бев во Универзитетската болница во Базел. Првата реакција беше шок, но веднаш сфативме дека мора да ја прифатиме новата реалност. Благодарен сум што останав жив, вели Ѓоргиев.
Неговата решеност и мотивираност му помогнале да ја надмине рехабилитацијата. Сега повторно нормално пешачи, вози автомобил, игра кошарка и се занима со планинарење.
Интервјуто по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост го пренесуваме во целост:
Како успеавте да ја надминете депресијата и да продолжите со животот?
– Бев хоспитализиран само две недели и веднаш започнав рехабилитација. Немав време да размислувам за депресија. Имав само една цел – да се вратам во нормала што побрзо. Претходно бев активен во спортот, тренирав бодибилдинг, возев велосипед и трчав. 5-километарската трка беше мојот нов предизвик, и сакав да покажам дека можам, иако околностите се промениле.
Како помина рехабилитацијата и планирате ли да се вратите на работа?
– Во Швајцарија условите за лица со ампутации се одлични. Специјализираните рехабилитациски центри нудат физичка и психолошка поддршка. Многу организации нудат адаптирани спортови, а социјалните програми помагаат при враќањето во работен процес. Швајцарија инвестира во интеграцијата на лицата со инвалидитет, обезбедувајќи медицинска и професионална поддршка.
Дали успехот на маратонот е поттик за учество на слични натпревари?
– Спортот ми помага да останам здрав и дисциплиниран. Учествувањето во маратонот ми требаше седум пати повеќе енергија, но бев задоволен од постигнатото. Засега немам планови за поголеми натпревари, но ако се укаже можност, ќе размислам за тоа.
Што ви дава најголема енергија и која е вашата порака за другите?
– Секој предизвик ме направи посилен. Секој може да ги надмине бариерите, без оглед на тешкотиите. Човечкото тело е како градина, а волјата е градинарот. Со упорност, вера во себе и труд, сè е можно. Секој ден носи нова шанса за напредок.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата