Тажната вест ја потврди Светското засолниште за птици во Вали Парк, каде Марфи живеел во последните години од својот живот.
Неговото тело било пронајдено во птичарникот во саботата наутро, по силните бури и торнада што го погодија регионот претходната ноќ. Експертите извршиле обдукција и утврдиле дека Марфи се здобил со повреда на главата.
„Не можеме со сигурност да кажеме дали Марфи се исплашил и паднал од гранка или дали ветерот и дождот имале улога во неговата повреда“, велат од засолништето. „Иако тој помина многу бури во текот на годините без проблем, оваа можеби за жал придонесе за неговата смрт“, додаваат тие.
Марфи имал трајна повреда на крилото, поради што не можел да лета. Остатокот од животот требало да го помине мирно во засолниште. Иако условите во азилот се безбедни, а птиците можат сами да бараат засолниште, ова невреме сепак било фатално.
„Колку и да се трудиме да ги заштитиме нашите птици, понекогаш се случуваат несреќи кои се надвор од наша контрола“, велат од засолништето.
Кој беше Марфи?
Марфи се здоби со светска слава во 2023 година кога чуварите го забележаа како „инкубира“ камен со посебна грижа. Беше толку посветен, направи гнездо и внимателно бдееше над каменот како да е вистинско јајце.
Оваа слатка приказна имаше среќно продолжение кога Марфи набрзо стана згрижувачки родител на вистински орел, сирак стар само една или две недели. Марфи трпеливо го научил малиот орел како да јаде, да лета и да преживее. Во јули 2023 година, неговиот прв штитеник бил подготвен да биде пуштен во дивината.
Една година подоцна, Марфи ја повтори својата улога и стана згрижувачки родител на друг орел. Тоа младенче се уште е во прифатилиштето, а се очекува да биде подготвено за живот во дивината во летото 2025 година.
Иако не можел да лета, Марфи бил познат по својата упорност, грижа и заштитнички однесувања. Засолништето го опишува како „духовит и малку шеф“, а поради неговата посебна приказна за татковството, целиот свет го засака.
„Неговата издржливост, дух и посветеност како воспитувач оставија силен впечаток на милиони луѓе ширум светот, а особено на оние кои ја имаа честа да работат со него“, велат од World Bird Sanctuary.
Колку долго живеат белоглавите орли?
Патем, белоглавите орли живеат од 20 до 25 години во дивината, додека оние во прифатилиштата можат да живеат уште подолго, како што беше случајот со Марфи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата