Доколку со доаѓањето на пролетта сакате да го освежите вашиот простор или да му дадете нова „душа“, сигурно се прашувате од каде да почнете, што да изберете и како сето тоа да го усогласите во една целина. Важно е да не ги следите трендовите бидејќи тие, како и модните трендови, се менливи. Сепак, постојат и такви што се потврдија како безвремени.
Еден од стиловите што се врати силно во современите ентериери во последниве години е модерниот стил од средината на минатиот век.
Модерниот стил од средината на 20-тиот век се развил помеѓу 1940-тите и 1960-тите, како природно продолжение на идеите што произлегоа од движењето Баухаус. Суштината на овој пристап е верувањето дека дизајнот треба да му служи на човекот. Треба да биде функционален, но истовремено и естетски вреден. Токму оваа рамнотежа помеѓу практичноста и уметничкиот израз ја формира основата на овој стил.
Една од неговите најпрепознатливи карактеристики е чувството на транспарентност и отвореност. Просторите уредени во овој стил често се организирани како отворени единици, без непотребни прегради. Таквиот распоред овозможува слободен проток на светлина и движење, создавајќи впечаток на поголем и поудобен простор. Во таквата средина, секое парче мебел има своја намена и место, без пренатрупаност или визуелен хаос.
Чисти и едноставни линии и дрвото како протагонист
Мебелот во стилот од средината на 20-тиот век се карактеризира со чисти, едноставни линии и суптилни геометриски форми, маси со неправилна форма, столови со малку закривени наслони или комоди на тенки, елегантни ногарки кои изгледаат ненаметливо, а оставаат силен визуелен впечаток.
Материјалите играат клучна улога во создавањето на карактерот на ентериерот. Дрвото е апсолутен протагонист, особено топлите тонови како што се тиковото или ореовото дрво. Неговата природна текстура внесува чувство на топлина и автентичност. Металот, стаклото, па дури и пластиката често се комбинираат со дрво, одразувајќи го духот на иновативноста од тоа време.
Внесете боја во просторот
Палета на бои се базира на воздржани, неутрални тонови кои служат како основа. Користењето на бела, беж или крем боја создава мирна позадина, додека преку деталите акцентот е ставен на топлите и заситени нијанси. Маслинесто зелената, темно портокаловата или сенф жолтата често се појавуваат на перниците, килимите или декоративните предмети. Ваквите акценти внесуваат живост, но не ја нарушуваат хармонијата на просторот.
Декоративните елементи исто така играат посебна улога, и се користат промислено. Наместо да се трупаат декорации, акцентот е ставен на неколку внимателно избрани парчиња. Стаклени вазни, керамички предмети или метални детали кои служат како суптилен акцент што ја надополнува целината. Секој предмет има своја естетска и функционална вредност, со што се избегнува чувството на пренатрупаност.
Комбинација од естетика и функционалност
Стилот од средината на минатиот век, исто така е функционален и удобен. Освен што е визуелно впечатлив, мебелот мора да биде прилагоден и на секојдневниот живот. На пример, мултифункционалните парчиња како што се софите на развлекување или модуларните маси кои овозможуваат флексибилност во просторот. Овој пристап е особено релевантен во современите домови, каде што често се бараат практични решенија за помалиот простор.
Интересно е што овој стил успева да ги спои чувството на ред со индивидуалноста. Иако се базира на јасни правила за дизајн, остава доволно простор за личен израз. Токму оваа рамнотежа го прави долготраен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата