Лунарната Нова година значи „помести го старото“ и дочекај го новото, позитивното - здравје и благосостојба. Позната е и како „Пролетен фестивал“ и означува почеток на новата година според традиционалниот лунарно-соларен календар. Првиот ден започнува со млада месечина, а завршува со полна. Првите два дена се најважни и строго се следи што е дозволено, а што не, изјавува новинарката Карен Греј за британски Индепендент („Independent“).
Според кинескиот обичај, за време на 15-дневниот новогодишен период не треба да се брише прашина ниту да се чисти со метла, бидејќи така ќе ја одведете среќата и просперитетот. Иако строго правило е само првите два дена, исто така се почитува и забраната за стрижење на косата за сите 15 дена. Кинескиот збор за коса е хомоним за просперитет. Стрижењето значи ризик да „исечете“ среќа и богатство. Затоа, првиот ден од годината не се мие косата - не сакаме да го „исплакнеме“ она што годината може да ни го донесе.
Носењето црвена облека се смета за начин да се обезбеди среќа и заштита од зли духови. Црна и бела, боите на жалост, треба да се избегнуваат. Не се изнесува ѓубре и не се позајмуваат пари - со тоа би ја прекинале врската со среќата, која би можела да „истече“ во текот на годината. Првиот ден исто така не се плаче ниту се кара, зашто тоа може да предизвика конфликти во текот на целата година. Неделата пред Нова година е полна со подготовки: планирање на оброци, бришење прашина и чистење.
Годината на „Огнениот коњ“,според кинеската метафизика, носи силен замав и храбра трансформација, но и непредвидливост и „запаливост“. Комбинацијата на знакот коњ и елементот оган се смета за ретка и интензивна.
Во Кина, за време на млада и полна месечина, традиционално се јаде вегетаријанска храна - практика во будистичката култура. Многу божества во кинеската традиција потсетуваат на христијански светители - постои Бог за сè, скоро. Обичај е при вселување да се затркала ананас во новата куќа како симбол на просперитет и среќа. Некои го тркалаат во секој агол од домот - за целосен благослов, но и зашто е малку смешно.
Митови, историја и легенди се вткаени во обичаите кои се пренесуваат од генерации на генерации. На децата им се зборува да покажуваат со прст кон Месечината, зашто тоа е непочитување кон Божицата на Месечината. Намирниците никогаш не се ставаат на под - не само поради хигиена, туку и од почит кон храната. Ставање на храна на под се толкува како невнимателен однос кон благословите, што носи лоша среќа. Кујнскиот Бог секогаш гледа.
Во последно време се појавува трендот „Чајнамаксинг“ („Chinamaxxing“) - луѓе кои ја истакнуваат „кинеската фаза“ од својот живот. Младите на социјалните мрежи споделуваат видеа и содржини за традиционалната кинеска медицина, историја и обичаи. Во кинеската медицина постои масло за секоја болка - а ако и понатаму ве боли, само нанесете уште. За кинеските жени од средна возраст, храната и здравјето се едно исто. Храната има енергетски својства, а балансот на јин и јанг мора да се одржува. Сè е всушност едноставно: краставицата лади, пржената храна „гори“, оризот оди со сè - за појадок, ручек и вечера.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата