logo
logo
logo

Крајната десница на Полска се подготвува за можен излез од ЕУ

Vecer | 11.04.2025

Крајната десница на Полска се подготвува за можен излез од ЕУ

- Пред сè, треба да бидеме подготвени за тоа ЕУ да се распадне, изјави пратеникот на Конфедерација, Михал Вавер, за полското радио ЗЕТ.

- Пред неколку години дури и подготвивме документ под наслов „ПолЕгзит – Безбеден итен излез“. Може да настане ситуација во која Полска ќе сака или ќе мора да ја напушти ЕУ, и токму на тоа треба сега да се фокусираме“, додаде тој.

Вавер ја критикуваше и, како што рече, „некомпетентната“ реакција на ЕУ на царинските давачки што ги наметнаа САД.

- Изгледа како трка меѓу зајакот и желката, а Америка е веќе три круга пред ЕУ, рече тој.

- Во Полска не се грижиме за нашата трговска и царинска политика веќе дваесет години, бидејќи тоа го презеде ЕУ. Тоа значи дека во јавната администрација немаме луѓе кои се разбираат од оваа област“, додаде тој.

Според анкетата на Центарот за истражување на јавното мислење (CBOS) од 2024 година, 77 отсто од Полјаците сè уште го поддржуваат членството во ЕУ, што е за осум процентни поени помалку од 2023 година. Во меѓувреме, противењето на членството порасна на 17 отсто, што е зголемување од седум поени во однос на претходната година.

Според последната анкета на „Јунајтед сурвејс“ за Виртуелна Полска, кандидатот на Граѓанска платформа (ПО), Рафал Тшасковски, добива сè поголема поддршка, додека кандидатот на Право и правда (ПиС), Карол Навроцки, губи во полза на кандидатот на Конфедерација, Славомир Менцен.

Според истата анкета, Тшасковски би победил во првиот круг со 38,3 отсто поддршка, што е зголемување од 5,1 процентен поен од крајот на март. Навроцки падна на 20,1 отсто, што е намалување од 5,2 поени, додека Менцен достигна 18,8 отсто, со раст од 0,8 поени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk