Одри Бејкберг, која исчезнала во 1962 година кога имала 20 години, е пронајдена жива и здрава, соопштија американските власти, како што објави Скај њуз.
Бакеберг го напуштила својот дом во Ридсбург, Висконсин, во јули 1962 година, а канцеларијата на шерифот на округот Сок соопшти дека истрагата следела бројни траги во текот на годините, но случајот на крајот бил отфрлен.
Сепак, за време на нова анализа на стари нерешени случаи претходно оваа година, детектив повторно ги испита сите досиеја и докази, како и испраша неколку сведоци, што доведе до пронаоѓањето на г-ѓа Бејкберг, објави Скај њуз.
Денес, осумдесет и двегодишната жена беше пронајдена жива и здрава, а живее надвор од државата Висконсин, според изјавата на шерифот.
Според Здружението за застапување на исчезнати лица во Висконсин, Одри Бејкберг била мажена и имала две деца кога исчезнала на 7 јули 1962 година. Таа излегла од куќата тој ден за да ја земе платата, но никогаш не се вратила. Потоа нејзиниот сопруг контактирал со роднини барајќи информации за нејзината локација.
Недолго потоа, нивната тогаш четиринаесетгодишна дадилка тврдеше дека таа и Одри стопирале до главниот град на Висконсин, Медисон, од каде што со автобус се качиле на Индијанаполис, Индијана. Тинејџерката рекла дека била исплашена и сакала да си оди дома, додека Одри одбила да оди со неа и последен пат била видена на автобуска станица.
Организацијата соопшти дека бракот на г-ѓа Бејкберг бил полн со проблеми, вклучително и обвинувања за злоупотреба, а кривична пријава била поднесена неколку дена пред нејзиното исчезнување. Сепак, роднините инсистираа дека никогаш свесно не би ги напуштиле своите деца, додека сопругот поминал полиграфски тест и негирал каква било вмешаност.
„Разговаравме 45 минути“
Детективот Исак Хансон, кој ја пронашол Бејкберг, рекол дека профилот на нејзината сестра на Ancestry.com бил клучен во пронаоѓањето на нејзината адреса.
„Беше клучно за пронаоѓање на смртни изводи, пописи и сите видови податоци“, изјави тој за локалната станица WISN.
„Се јавив во канцеларијата на локалниот шериф и прашав дали некој може да оди на адресата и да провери. Десет минути подоцна, таа ми се јави и разговаравме 45 минути.“
„Звучеше среќно“
Хансон вели дека причината за нејзиното заминување веројатно била проблематичен брак, но не е јасно зошто никогаш не се вратила.
„Мислам дека таа едноставно се повлече од сè, одлучи да живее поинаку и си продолжи по својот пат“, рече тој. „Звучеше среќно, самоуверено во својата одлука, без жалење.“
Канцеларијата на шерифот на округот Сок соопшти дека Одри Бакеберг сама донела одлука да замине и дека нејзиното исчезнување не е резултат на криминална активност или насилство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата