logo
logo
logo

Колку пати е нормално да станувате во текот на ноќта за мокрење?

Vecer | 17.01.2025

Колку пати е нормално да станувате во текот на ноќта за мокрење?

Одењето по мала нужда зависи од возраста, но луѓето треба да знаат кога нештата се невообичаени.

Ако сте меѓу оние кои често стануваат ноќе за да одат во тоалет, можеби не сте ни свесни дека во многу случаи тоа е сосема нормално. Болничките лекари објаснуваат дека повремената потреба за мокрење во текот на ноќта е сосема очекувана, особено ако сте помлади од 60 години.

Феноменот познат како ноктурија, или често мокрење во текот на ноќта, може да биде предизвикан од различни фактори. Според медицинската сестра Давина Ричардсон од британската организација „Бешика и црева- Обединето Кралство“, причината за оваа состојба може да биде пиење на повеќе течност пред спиење или прекумерно внесување на кофеин во текот на денот. Меѓутоа, ако се разбудите повеќе од еднаш во текот на ноќта, тоа може да биде сигнал дека нешто не е во ред со вашето здравје.

Имено, честото одење во тоалет во текот на ноќта може да биде показател за голем број здравствени проблеми - од релативно бенигни, како што се инфекции на уринарниот тракт до посериозни состојби како што се дијабетес, висок крвен притисок, рак на простата (кај мажите), па дури и срцеви заболувања.

Меѓутоа, како што минуваат годините, се менува „нормалниот“ праг за ноќно мокрење.

Како е кај луѓето постари од 70 години?

За луѓето на возраст над 70 години, според Националната здравствена служба на Обединетото Кралство (NHS) будењето двапати во текот на ноќта за одење во тоалет се смета за нормално. Во подоцнежните години, особено во деветтата деценија, оваа бројка може да се зголеми на четири пати во текот на ноќта. Ова е резултат на природното стареење, кога телото произведува помалку антидиуретичен хормон (ADH), кој го регулира задржувањето на водата и помага да се спречи  дехидрирањето.

Меѓутоа, ако ноќното мокрење станува почесто и е придружено со дополнителни симптоми, како што се зголемена жед, нагло губење на тежината и заматен вид, тоа може да биде знак за дијабетес. Високото ниво на шеќер во крвта предизвикува зголемена жед, што резултира со почесто мокрење во текот на ноќта. Исто така, високиот шеќер во крвта го иритира мочниот меур, што дополнително може да ја зголеми потребата за мокрење.

Ако честото мокрење е придружено со болка во градите, оток на глуждовите или потење, тогаш може да укажува на проблеми со срцето. Лошата циркулација поради срцеви заболувања може да предизвика оток, а вишокот на течност што се апсорбира во крвотокот потоа ја зголемува потребата за често мокрење, објаснуваат од Британскиот здравствен сервис (NHS).

Честото мокрење може да биде знак на инфекција

Исто така, зголемената фреквенција на мокрење може да биде сигнал за инфекција на уринарниот тракт, која обично е придружена со чувство на печење при мокрење и промена на мирисот или бојата на урината. Други можни причини вклучуваат камења во бубрезите, хиперактивен мочен меур, одредени лекови, нарушувања на спиењето и прекумерно внесување течности.

„Ноктуријата може сериозно да влијае на квалитетот на сонот и секојдневното функционирање, што доведува до намален квалитет на животот и на целокупното здравје“, вели Ричардсон.

Иако во некои случаи тоа може да биде симптом на сериозни болести, често може да се подобри ако се промени животниот стил.

Совети за ублажување на симптомите на ноктурија вклучуваат намалено внесување на кофеин, газирани пијалоци и алкохол, избегнување на големи количини на течности пред спиење и намалено внесување на протеини навечер. Британскиот здравствен сервис препорачува последната чаша вода во денот да ја испиете околу 20 часот, наместо подоцна навечер, за да ја намалите потребата за мокрење во текот на ноќта. Исто така, важно е да се одржува добар хигиенски режим на спиење, бидејќи ноктуријата понекогаш може да биде поврзана со слаб квалитет на сон, што значи дека кога сте будни или имате лесен сон, ќе забележите нагони за почесто мокрење.

Сепак, од Британскиот здравствен сервис советуваат луѓето кои забележуваат чести ноќни посети на тоалетот да се консултираат со својот матичен лекар, за да може да се утврди вистинската причина и да се преземат соодветни чекори за лекување.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk