Одлуката е поттикната од загриженоста поради намалувањето на бројот на членови на царското семејство. Сепак, законот не го менува правилото што им забранува на жените да седнат на престолот; следствено на тоа, принцезата Аико – единственото дете на актуелниот цар – и понатаму нема право да ја наследи круната, пренесува Би-Би-Си.
Обезбедување на редот на наследување Јапонија се гордее со најстарата континуирана наследна монархија во светот, со лоза што, според податоците, опфаќа повеќе од 2.600 години. Во моментов, прв во редот за престолот е помладиот брат на царот, 60-годишниот Фумихито. Втор е неговиот син, 19-годишниот принц Хисахито, додека третото и последно лице на списокот е 90-годишниот чичко на царот.
Доколку законот не беше изменет, редот на наследување ќе згаснеше доколку принцот Хисахито не добиеше машки наследник. Новиот закон го решава ова прашање преку овозможување машките потомци од 11 поранешни гранки на царското семејство повторно да бидат вклучени во главната лоза. Овие гранки биле исклучени од семејството по Втората светска војна.
Според новите правила, членовите на царското семејство ќе можат да го задржат својот статус доколку стапат во брак со лица кои не припаѓаат на царското семејство. Претходно, тие беа обврзани да се откажат од своите титули и да го напуштат семејството – како што тоа го стори принцезата Мако во 2021 година, кога се омажи за својот партнер од студентските денови.
Оваа промена обезбедува поголем број членови на семејството кои ќе можат да ги извршуваат официјалните должности, како што се учеството во дворски церемонии и јавните настапи.
Сепак, децата родени од женски членови на семејството и од лица кои не припаѓаат на царското семејство и понатаму нема да имаат право да го наследат престолот.
Ова е прва измена на Законот за царскиот дом од 1949 година и претставува најзначајна реформа на јапонскиот царски систем во последните неколку децении.
Прашањето за недостигот на машки наследници долго време поттикнува дебати во јавноста во Јапонија, особено во однос на тоа дали на жените треба да им се дозволи да седнат на престолот.
Премиерката Санае Такаичи и други конзервативни политичари го поддржуваат правилото според кое само мажи можат да го наследат престолот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата