Јужноафриканската полиција спроведе вонредна операција за извлекување човечки останки од река полна со крокодили откако еден од полицајците беше спуштен во водата со хеликоптер. Се сомнева дека останките му припаѓаат на претприемач кој беше однесен од порој минатата недела. Акцијата следеше откако крокодилот, за кој се верува дека го изел исчезнатиот човек, претходно беше убиен, пишува Би-Би-Си.
Потрагата по исчезнат претприемач
Потрагата беше започната минатата недела откако автомобилот на исчезнатиот човек се заглави додека се обидуваше да премине надојдена река на низок мост. Полковник Мавела Масондо, портпарол на полицијата во покраината Мпумаланга, за националниот радиодифузер SABC изјави дека возилото било празно кога полицајците пристигнале на местото на настанот, што довело до сомневања дека возачот бил однесен од струјата.
Идентификација на осомниченото животно
Во потрагата беа користени дронови и хеликоптери, а властите наскоро забележаа островче каде што неколку крокодили се сончаа. Јохан „Поти“ Потгитер, командант на полициската единица за нуркање, рече дека врз основа на долгогодишно искуство, заклучиле дека едно од животните „неодамна јадело.“
„Освен што имаше екстремно полн стомак, тој не се помрдна ниту се обиде да избега во реката и покрај бучавата од беспилотни летала и хеликоптери“, изјави Потгитер за News24.
Сложена операција за извлекување
Откако влекачот бил убиен, капетанот Потгитер бил спуштен од хеликоптерот за да го изврши она што полицијата го опиша како „многу опасна и сложена операција за извлекување“. Тој го обезбеди животното со јаже, по што двајцата беа извлечени од реката Комати на североистокот од земјата.
Потгитер призна дека искуството било напнато.
„Не е најпаметно да се приближиш до опасниот крај на крокодил“, коментираше тој. Неговата храброст беше пофалена и од вршителот на должноста началник на јужноафриканската полиција, генерал-потполковник Пуленг Димпане.
Анализа на содржината на цревата
Огромниот крокодил, долг 4,5 метри и тежок околу 500 килограми, бил транспортиран во блискиот Национален парк Кругер. Таму, во неговите црева се откриени човечки остатоци. Сега се во тек ДНК тестови за да се потврди дали тие навистина му припаѓаат на исчезнатиот претприемач.
Интересно е што, покрај деловите од телото, во стомакот се пронајдени и шест различни видови чевли. Потгитер објасни дека ова може да значи дека крокодилот убил други луѓе, но не мора да биде така. „Крокодилот ќе проголта буквално сè“, заклучи тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата