Германската владејачка коалиција предводена од Унијата и СПД подготвува големи измени во Законот за работно време, кои веќе предизвикаа жестоки реакции во јавноста. Главната промена предвидува досегашниот модел на осумчасовен работен ден, кој во земјата постои уште од 1918 година, да биде заменет со неделен пресметка на работното време. Тоа значи дека наместо дневно ограничување на часовите, ќе се вреднува вкупниот број одработени часови во текот на целата недела, а конкретните детали за овој модел допрва ќе се дефинираат низ дијалог со социјалните партнери.
Претставниците на работодавците ја бранат реформата со аргументот дека сегашниот крут закон едноставно не одговара на дигиталниот и глобален работен свет. Претседателот на Здружението на германски работодавци, Рајнер Дулгер, ги отфрли обвинувањата за воведување предолги смени, нагласувајќи дека целта е поголема флексибилност, а не експлоатација на работниците. Според него, Германија мора да го зголеми бројот на одработени часови за да ги совлада демографските предизвици, а воедно побара и олеснување на законите за заштита од откази за фирмите полесно да се прилагодуваат на пазарот.
Од друга страна, синдикатите алармираат дека ваквите чекори сериозно ќе ги загрозат правата на вработените и дополнително ќе ги оптоварат. Претседателката на Германскиот сојуз на синдикати, Јасмин Фахими, изјави дека работниците ги гледаат овие предлози како укинување на заштитните права и порача дека синдикатите во никој случај нема да дозволат враќање на работничките стандарди од пред повеќе од еден век. Предлог-законот се очекува да се најде пред пратениците веќе во јуни, кога се очекува продолжување на острата политичка дебата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата