Јапонките се меѓу најпопуларните летни обувки во светот и речиси и да нема попрактична варијанта за кратка прошетка од песочната плажа до апартманот. Сепак, тие не се секаде еднакво добредојдени – во одредени делови од светот, носењето јапонки може да донесе и сериозни парични казни.
Сè повеќе популарни туристички дестинации воведуваат ограничувања за овие обувки, со образложение дека претставуваат безбедносен ризик за туристите и дополнително ги оптоваруваат спасувачките служби, пренесува Daily Mail.
Огромни парични казни
Најстрогите правила важат во италијанскиот регион Чинкве Тере, каде уште во 2019 година беше воведена забрана за носење јапонки, сандали и други обувки со мазен ѓон на планинските и пешачките патеки. Официјалните лица најавија и контроли, а казните можат да достигнат и до 2.500 евра. Меѓутоа, Италија не е единствената земја со вакви правила.
Во одредени делови на Шпанија, јапонките се дозволени на плажа, но не и при возење.
„Шпанската сообраќајна полиција потврди дека возачите можат да бидат казнети со сума до 200 евра доколку полицајците проценат дека обувките влијаат врз безбедното управување со возилото. Припадниците на Guardia Civil имаат право да одлучат за тоа на лице место“, предупреди Џејкоб Ведерберн-Деј, експерт за патувања и директор на компанијата Stasher.
„Солени“ казни и во Грција
Слични правила постојат и во други европски земји. Во Грција, возачите во јапонки можат да бидат казнети со сума до 100 евра, во Франција казните можат да изнесуваат до 375 евра, додека и во одредени делови на Португалија постојат ограничувања поврзани со овие обувки.
Одделни туристички атракции дополнително воведуваат сопствени правила. Славната миланска опера „Ла Скала“, според пишувањето на Guardian, го забрани влезот во облека за плажа, додека бројни луксузни барови и ресторани бараат поелегантни обувки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата