logo
logo
logo

ЛУКСУЗ НА ИНСТАГРАМ, УЖАС ВО ЖИВО: Како 23-годишна романска студентка мамела пациентки

Vecer | 01.05.2026

ЛУКСУЗ НА ИНСТАГРАМ, УЖАС ВО ЖИВО: Како 23-годишна романска студентка мамела пациентки

Романската полиција спроведува криминалистичка истрага против 23-годишна студентка по медицина од Сибињ, поради сомнение за повеќегодишно нелегално вршење естетски зафати. Осомничената, во импровизирана ординација во склоп на сопствениот дом, пет години вршела медицински зафати без диплома, лиценца за работа и потребни одобренија од надлежните органи, објави романскиот портал Observator News.

Полициските службеници ја претресле куќата на осомничената по добиена пријава и откриле нелегално уреден простор опремен со медицинска опрема, различни лекови и супстанци за инјектирање. Според наводите на истражителите, девојката започнала со илегалната практика на 18-годишна возраст, иако како студентка по медицина немала законско право на самостојна работа, ниту на вршење инвазивни процедури. Моментално се брани од слобода.

Промоција на социјалните мрежи

Осомничената ги привлекувала клиентките преку социјалните мрежи, првенствено Instagram и TikTok, каде што ја следеле илјадници луѓе. На тие платформи градела имиџ на успешна жена, објавувајќи фотографии од луксузен живот, патувања и екстравагантни облеки. Во описите на профилите го истакнувала статусот на студентка по медицина, што, заедно со високите цени на услугите, кај клиентките создавало привид за стручност и квалитет.

Истрагата открила дека одредени зафати резултирале со здравствени и естетски компликации. Колешка на осомничената навела пример на клиентка која ден по зафатот се разбудила со деформација на усните и тврдела дека усните ѝ биле „како кај патка“, поради што морала да побара помош од лиценциран експерт за растворање на вбризганата киселина.

Познаници на осомничената наведуваат дека 23-годишната девојка го искористила фактот што нејзината мајка работи во истата дејност за полесно да пристапи до пазарот и информациите, објави романскиот портал Observator News.

Највисока стапка на зафати во регионот

Овој случај е откриен само еден ден по смртта на 45-годишната пациентка Валентина во Букурешт. Таа починала како последица на компликации за време на „фејслифтинг“ (затегнување на лицето) во една тамошна клиника. Нејзиниот сопруг, Сорин Думитру, јавно го обвини лекарот за грешка, наведувајќи дека докторот панично го повикал и го известил за компликациите пред пациентката да падне во мозочна смрт.

Лекарската комора на Букурешт самоиницијативно покрена истрага за тој случај, а Министерството за здравство спроведува итни проверки. Инспекторите кои се обиделе да го надгледуваат работењето на осомничениот лекар не го затекнале во ординацијата, ниту успеале да стапат во контакт со него.

Романија се вбројува меѓу земјите со највисока стапка на естетски зафати во регионот, со просек од три процедури на илјада жители. Најбарани зафати се зголемување на градите (аугментација), зголемување на усните и ринопластика. Поради честите неправилности и појавата на лажни лекари, властите го засилија надзорот.

Поранешниот државен секретар во Министерството за здравство, Александру Рогобете, извести за спроведување на повеќе од 54.000 контроли во здравствениот систем, што резултирало со повлекување на повеќе од 120 санитарни дозволи за работа и затворање на меѓу 40 и 60 клиники.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk