Пролетта на плоштадот Хајмаркет во 1886 година мирисаше на барут, дожд и нескротлив човечки копнеж за достоинство. Работникот се бореше против челичната машина за да си го врати правото на сонце и осум часа живот, надвор од фабричките ѕидови.
Денес, 140 години подоцна, пролетниот воздух е исполнет со тивок, дигитален шум. Милијарди алгоритми кои не го бараат нашето време, туку нашата намена. Во една таква, нова реалност, не можеме да го одбегнеме прашањето: дали 1 Мај останува симбол на човечката сила, или машините агресивно го пишуваат последното поглавје на трудот каков што го познаваме?
Повеќе од еден век, овој празник беше химна на силниот мускул, на заедништвото и на гордоста на работникот. Но, денес, додека чекориме низ пролетта 2026 година, приказната добива неочекуван пресврт. Борбата повеќе не е насочена против сопственикот на фабриката, туку против еден невидлив и совршен ривал: вештачката интелигенција (AI).
Август Шпис и неговите другари во Чикаго се бореа за „осум часа работа, осум часа одмор и осум часа за култура“. Веруваа дека машината ќе ни ги олесни маките. Но, во новиот век, AI не ни го олеснува трудот, таа буквално го апсорбира.
Во една ваква реалност, не може, а да не си го поставиме прашањето, дали празникот почнува да ја губи својата смисла, ако работникот веќе не е човек од крв и месо, туку низа од единици и нули?
Сепак, најтажниот дел од оваа нова приказна е загубената солидарност. Во Чикаго, работниците беа моќни затоа што беа заедно. Денес, алгоритмот нè дели. Работиме од дома, заглавени меѓу четири ѕида, поврзани со светот само преку екран. Вештачката интелигенција не само што ни ја краде работата, туку ни ја краде и заедницата. 1 Мај отсекогаш беше денот кога излегувавме на улиците и плоштадите за да ја покажеме силата на сплотеноста и зааеднииштвото. Но, што станува со тој дух кога секој од нас е сам во својата битка против софтверот?
Можеби 1 Мај не е на прагот на историјата, туку само ја менува својата смисла. Можеби ова е моментот кога треба да престанеме да го славиме трудот како мака и да почнеме да го славиме човекот како суштина. Ако AI може да го работи сето она што е механичко и суво, тогаш 1 Мај треба да стане празник на она што не може да го има ниту една маишна, човечката емпатија, сонот за достоинствен живот и желбата за слобода.
Но, за да се случи тоа, не смееме да дозволиме 1 Мај да избледнее во обична навика и да стане само сенка на минатото, изгубена во празните синдикални говори. Денес, повеќе од кога било, должни сме да го разбудиме пркосниот дух од Чикаго и да го пренесеме во овој нов, дигитален свет.
Мораме гласно да поставиме граница и да кажеме дека ниту еден алгоритам, колку и да е совршен, не смее да застане над достоинството на човекот.
Овој празник ќе живее само ако одбиеме да бидеме избришани од равенката на иднината и ако потсетиме дека светот сè уште го вртат соништата, а не само кодовите.
Ако дозволиме алгоритмите да ни ја украдат смислата на постоењето, тогаш 1 Мај навистина ќе стане само споменик на една мртва ера.
П.Б.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата