На прв поглед, сино-белите куќи на грчките острови изгледаат како внимателно осмислен естетски избор, совршено вклопен со морето и небото. Многумина веруваат дека станува збор за традиција или за боите на националното знаме, но вистината е далеку попрактична. Овој препознатлив изглед настанал од потреба, а не од желба за убавина.
Куќите биле како „рерни“
На островите како Санторини, Миконос, Парос и Наксос куќите некогаш се граделе од камен, бидејќи тоа бил најдостапниот материјал. Проблемот бил во тоа што тој камен е темен и ја апсорбира сончевата топлина. Во текот на летото, температурите во таквите домови станувале речиси неподносливи. Решението било едноставно – бојадисување во бело. Белата боја ги одбива сончевите зраци и помага внатрешноста да остане поладна и попријатна за живеење.
Епидемијата го промени изгледот на целата земја
Уште една важна причина доаѓа од минатото и нема никаква врска со естетиката. За време на епидемијата на колера во 1930-тите, властите наредиле куќите да се варосуваат во бело, бидејќи варта имала дезинфекциски својства и помагала во спречување на ширењето на болеста. Така, белата боја станала не само практична, туку и здравствено пожелна.
Сината боја? Најевтината опција
И додека белата има јасна функција, сината се појавила од сосема друга причина – била најдостапна. Рибарите ги користеле остатоците од бојата со која ги бојадисувале своите чамци, а таа најчесто била токму сина. Лесно се правела и била евтина, па со неа ги фарбале прозорците, вратите и деталите на куќите.
Државата дури и пропишала како мора да изгледаат куќите. Интересно е што сино-белата комбинација едно време не била избор, туку обврска. За време на воената диктатура во периодот од 1967 до 1974 година, властите донеле закон со кој се налага куќите на островите да бидат офарбани токму во овие две бои, со цел да се нагласи националниот идентитет, пишува „Greek Reporter“.
Иако тие правила повеќе не се толку строги, сино-белите куќи останаа заштитен знак на грчките острови.
Причината е едноставна:
- и понатаму помагаат против жештините
- дел се од локалната традиција
- но и огромен магнет за туристите
Поради тоа овој стил се одржал до денес – не затоа што отсекогаш бил некаков симбол, туку затоа што бил најпаметното можно решение.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата