Поранешниот руски падобранец Рустам Набиев стана првата личност во историјата која со ампутирани две нозе успеа да се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри), без да користи протетски екстремитети. Хим Лал Гаутам, координатор во базниот камп, потврди дека Набиев успешно стигнал до врвот и веќе се спушта назад.
Набиев ги изгубил двете нозе во 2015 година при уривање на воена касарна во Русија. По трагедијата, тој се посветил на планинарењето за да докаже дека лицата со хендикеп можат да ги поместат границите. Пред Еверест, тој веќе ги имаше освоено Елбрус (највисокиот врв во Европа) и непалскиот врв Манаслу (8.163 метри).
Овој подвиг доаѓа три години откако поранешниот војник Хари Буда Магар стана првиот човек кој се искачи на Еверест со две протези. Инаку, оваа пролетна сезона е во полн ек, а дозволи за искачување на највисокиот врв добија повеќе од 490 алпинисти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата