logo
logo
logo

Еве зошто сè повеќето мажи избираат врски без обврски и што ги плаши според еден стручњак за односи

Vecer | 02.07.2025

Еве зошто сè повеќето мажи избираат врски без обврски и што ги плаши според еден стручњак за односи

Кратките врски, неколкуте испратени пораки и повремените средби без суштинска поврзаност стануваат секојдневие за многу мажи. Во добата на социјални мрежи, апликации за запознавање и презаситеност од емотивно врзување, сексот без обврски повеќе не е табу тема, туку избор. Дали се работи за незаинтересираност или одраз на страв кај еден маж да биде сакан, објаснува сексологот д-р Тамара Петровиќ.

Многу жени сметаат дека на мажите им е полесно да влезат во површна врска затоа што тие можат без емоции, но зошто е тоа така? Зошто мажите избираат однос без зближување, бегаат после интимниот однос и не се врзуваат лесно?

Според психодинамиката, интимниот однос без емоции честопати не е уживање, туку одбрана. Се бранат од непознатото, се плашат зашто блискоста боли, се срамат поради потребата од нежност, се плашат да бидат одбиени ако се отворат и се плашат од уверувањето дека партнерката нема да ги прифати ако ги запознае нивните навики.

Од друга страна, општеството влијае на машкото его, па срамно е да се биде ранлив и слаб пред своето друштво. Суперегото на мажите често носи порака дека мажот секогаш е за секс, дека вистинските мажи не плачат, дека има „многу риби во морето“, дека мажот мора да биде ладен и стабилен и затоа многу момчиња стануваат возрасни мажи кои знаат само како да имаат површни односи за една ноќ, а не знаат тоа да го претворат во нешто долготрајно, објаснува докторката на својот профил на Инстаграм.

Што се случува во телото?

После интимниот однос, кај мажите паѓа нивото на допамин, што се манифестира со недостаток на мотивација, чувство на празнина и проблем со концентрација. Исто така, растот на пролактинот може да доведе до намалено либидо, неможност да достигне оргазам, па дури и еректилна дисфункција. Па на крајот, наместо потреба за нежност, се јавува потреба за дистанца.

Според д-р Петровиќ, тоа не значи дека сите мажи се ладни, всушност многумина се поврзуваат со жената за време на интимниот однос, но не знаат тоа да го покажат, и со самото тоа, не умеат да го задржат односот. Нивниот емотивен систем честопати им вели: „Ова е премногу“ и влијае на тоа да избегаат.

Кај жените хормоните работат поинаку, нивото на окситоцин скока, што значи дека посакуваат блискост, а допаминот опаѓа побавно, и со самото тоа возбудата трае подолго, затоа жените често посакуваат контакт токму кога мажот нема волја за тоа. Тогаш доживуваат чувство на отфрлање, неразбирање и настанува тишина помеѓу овие два света кои исто мислат, а поинаку чувствуваат.

Кога ќе се осврнеме на психологијата, биологијата и културата, гледаме дека мажите и жените влегуваат во интимен однос од исти побуди, но од него излегуваат со различни чувства. Тоа не значи дека не можат да се поврзат, туку дека за врска не е доволен само физички допир. Потребно е да се препознаеме однатре и да си дозволиме да бидеме ранливи. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk