- Со децении го правевме реалниот свет побезбеден за децата и мораме да го сториме истото во дигиталниот свет – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која беше домаќин на првиот состанок на панелот.
- Позитивните можности што ги нуди технологијата не смеат да бидат на штета на нивната безбедност, здравје или среќа – рече таа.
Како што пренесе ДПА, препораките би можеле да бидат одлучувачки во дебатата за одредување минимална старосна граница за користење на социјалните мрежи. Иако повиците за старосни ограничувања се сè погласни во некои земји на ЕУ, Комисијата досега нема предложено закон што би им овозможил на членките да воведат минимална возраст.
Фон дер Лајен истакна дека Комисијата веќе спроведува закони што ги обврзуваат технолошките платформи да ги чуваат корисниците безбедни. „Но, мораме да направиме и повеќе за да ги заштитиме нашите млади луѓе на интернет“, додаде таа.
Лајен минатата година се изјасни во корист на минималната старосна граница, споредувајќи ја оваа мерка со ограничувањата за консумација на алкохол и тутун. Задачата на експертите е „да изработат силен, реален, европски пристап за заштита на нашите деца во дигиталната ера“, рече таа.
Групата обединува експерти од различни области, вклучувајќи ги детските права, здравството и ИТ. Таа треба да ги претстави препораките за нови заштитни мерки до летово. Со панелот заеднички раководат германскиот психијатар Јорг М. Фегерт и француската истражувачка за ментално здравје Марија Мелхиор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата