logo
logo
logo

Еко-акција на Водно со заедницата за е-трговија

Vecer | 30.05.2023

Еко-акција на Водно со заедницата за е-трговија

Еко-акцијата, која беше во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија - АЕТМ, имаше за цел да го поттикне единството во секторот за е-трговија и паралелно да влијае на зачувување на природните убавини на Водно и на колективното зголемување на еколошката свест.

Учесниците во еко-акцијата беа поделени во две групи за да се опфати што е можно поголем број локации на планината. Активностите за чистење ги опфатија следните локации - потегот од Средно Водно, паркинзите на Средно Водно, асфалтниот пат, Бабина патека од Средно Водно до врвот, Новогодишната патека од Средно Водно до врвот и пределот околу крстот на врвот на Водно.

Учесниците во акцијата беа водени од страна на лиценцирани водичи од планинарскиот спортски клуб H2O, каде што го искачуваа Водно и собираа отпадоци по патеките. Лиценцираните водичи обезбедија суштинско водство и поддршка во текот на целиот настан, грижејќи се за безбедноста и зголемувајќи ја ефикасноста на учесниците.

Во периодот на искачување во времетрање од околу 2 часа беа собрани вкупно 15 вреќи со смет од падините на Водно. По завршувањето на собирањето на сметот, следеше дружење во планинарски дом Даре Џамбаз со DЈ Foodieman, а беа обезбедени пијалаци од Скопска Пивара, бургери од Jojo's BBQ и здрави благи од Healthyish за сите учесници.

- Како Асоцијација за е-трговија на Македонија често организираме едукативни и други настани за вмрежување на членовите, кои се дел од нашата годишна програма. Темите секогаш произлегуваат од потребите на членките и предизвиците со кои се соочуваат, а на настаните членките имаат прилика и да разменат искуства, да остварат соработки и да градат релации кои ќе им придонесат за развој на бизнисот. Овој пат решивме да направиме поинаков настан, односно еко-акција со која покрај спорт, дружење и нетворкинг со е-комерц заедницата ќе придонесеме и за заедницата во која што сите функционираме. Сите мора да тргнеме од себе и да веруваме дека со мали чекори заедно можеме да ги менуваме и подобруваме работите, изјави претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Еко-акцијата е реализирана со поддршката и соработката на партнерите - Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) и Пивара Скопје.

Еко-акцијата на Водно, која послужи како инспиративен пример за колективно дејствување и еколошка одговорност, беше спроведена по прв пат. Покрај расчистувањето на планината, еко-акцијата имаше за цел и да ја подигне јавната свест за зачувување на животната средина, посочуваат од АЕТМ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk