logo
logo
logo

„Ефектот зора“ може да биде опасен – Еве кој сè мора да биде внимателен од 3 до 8 часот наутро

Vecer | 07.10.2024

„Ефектот зора“ може да биде опасен – Еве кој сè мора да биде внимателен од 3 до 8 часот наутро

„Ефектот зора“ е нарушување кое најчесто ги погодува дијабетичарите, а се работи за нагол скок на шеќерот во крвта во периодот од 3 до 8 часот наутро. Овој ефект може да биде опасен за вашето здравје, поради што лекарите забележуваат дека е многу важно да се утврди дали страдате од утринска хипергликемија.

„Ефектот зора“ е ненадејно зголемување на нивото на шеќер во крвта по будењето, а влијае не само на дијабетичарите, туку и на други луѓе со метаболички заболувања. Овој феномен често се забележува кај пациенти со слабо контролиран дијабетес тип 1, деца во фаза на растење, како и кај луѓе со проблеми во функцијата на контрарегулаторните хормони.

Кај луѓето кои немаат дијабетес, панкреасот произведува доволно инсулин во овој период од денот за да го регулира нивото на шеќер во крвта.

Меѓутоа, кај дијабетичарите панкреасот не произведува доволно инсулин, а дополнително отежнувачки ефект е инсулинската резистенција, пишува „my.clevelandclinic.org“.

Причини за појава на овој ефект

Физиолошкото ослободување на хормоните како што се хормонот за раст, кортизолот, адреналинот и глукагонот помеѓу 3 и 8 часот наутро игра клучна улога во зголемувањето на нивото на шеќер во крвта. Овој ефект може да предизвика опасни компликации кај луѓето со дијабетес и бара внимателно следење и контрола.

Како да го препознаете „ефектот зора“?

За да се утврди дали се борите со утринска хипергликемија, се препорачува редовно да го мерите шеќерот во крвта помеѓу 2 и 3 часот по полноќ неколку дена. Доколку резултатите потврдуваат високо ниво на шеќер, важно е да побарате стручен совет и да ја прилагодите исхраната и физичката активност за да го намалите овој ефект.

Како да го спречите „ефектот зора“

Правилната исхрана, која вклучува вечера богата со протеини, малку јаглехидрати и масти, како и редовен појадок, може да помогне во контролата на „ефектот зора“. Исто така, зголемената физичка активност, особено утринскиот тренинг, може позитивно да влијае во намалувањето на утринската хипергликемија.

Важно е да се напомене дека не постои универзално решение за овој проблем, но промените во исхраната и начинот на живот може да имаат значително влијание врз намалувањето на ваквиот ефект кај луѓето со дијабетес и други метаболички нарушувања.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk