logo
logo
logo

Православните христијани денеска го слават големиот летен празник ПЕТРОВДЕН

Vecer | 12.07.2026

Православните христијани денеска го слават големиот летен празник ПЕТРОВДЕН

Македонската православна црква денес го одбележува големиот празник Свети апостоли Петар и Павле – Петровден, еден од најзначајните празници во православниот календар, кој секоја година се слави на 12 јули. Празникот доаѓа по завршувањето на Петровденскиот пост и е посветен на двајцата големи Христови апостоли, кои имаат особено место во историјата на христијанството.

Според фолклористот Марко Китевски, Петровден во народната традиција отсекогаш се сметал за голем летен празник. Верниците кои го постеле Петровденскиот пост на овој ден се причестуваат, а празникот се поврзува и со почетокот на жетвата. Народното верување вели дека и самиот Свети Петар на Петровден земал срп и жнеел, поради што на овој ден не постоела строга забрана за работа. Во многу краишта се празнувало до пладне, а потоа луѓето продолжувале со жетвените работи.

Во Галичник, Петровден бил еден од најсвечените денови во годината. Тогаш се враќале печалбарите, а селото било преплавено со свадби. Според сведоштва, во минатото во еден ден знаеле да се одржат и по педесет свадби, а звукот од тапаните се слушал дури до Албанија.

Со празникот се поврзуваат бројни народни обичаи.

Во Кумановско, уште пред изгрејсонце луѓето оделе во нивите и бавчите, особено кај бостаните, и фрлале ситни камчиња од сите четири страни, верувајќи дека така родот ќе биде побогат. Земјоделските култури ги прскале со изворска вода за да растат силни, а на нивите фрлале и измет од добиток, со верување дека така жетвата ќе биде густа и плодна.

Во Гевгелиско традиционално се подготвувал млечник за семејството цела година да биде „благо како млекото“, додека во Скопска Црна Гора се верувало дека оној што ќе ги прекрши петровденските пости ќе биде казнет. Ако на Петровден владеела суша, селаните организирале литии и молитви за дожд.

Еден од најпознатите обичаи е поврзан со растението петровац. Вечерта пред празникот најстариот член на семејството берел по едно цветче за секој член од домаќинството и ги засадувал на скриено место. Следното утро ги проверувал – ако цветот бил исправен, тоа значело здравје; ако бил свенат, се верувало дека претстои болест или несреќа.

Петровден се смета и за пресвртница во природата, односно период кога летото почнува постепено да преминува кон постудениот дел од годината. Во народот постоело верување дека јаболката не треба да се јадат пред Петровден, бидејќи Свети Петар на овој ден им дели јаболка на децата во рајот. Затоа, во некои краишта јаболките најпрво се носеле во црква за осветување, а потоа се делеле на најблиските.

Светиот апостол Петар, рибар по професија, бил еден од најблиските ученици на Исус Христос и првиот кој јавно ја исповедал верата во Него. Во православната традиција се прикажува со клучевите од рајот, како симбол на неговата улога во Црквата.

Светиот апостол Павле, пак, има особено значење за Македонија. Според „Делата на светите апостоли“, токму преку неговото доаѓање во Македонија христијанството првпат стапнало на европско тло. Во Филипи тој ја основал првата христијанска заедница во Европа, поради што Македонија често се нарекува „вратата низ која христијанството влегло во Европа“.

И двајцата апостоли биле погубени во Рим за време на владеењето на царот Нерон, а нивниот спомен и денес се одбележува како симбол на верата, пожртвуваноста и ширењето на христијанството.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk