Mечка е снимена како трча по улица кај Градскиот парк во Битола, а граѓаните се вознемирени бидејќи животното се појавило на прометно место среде град. Видеото е снимено синоќа од автомобил.
Од СВР Битола велат дека случајот е пријавен во полиција. Општината, пак, е во контакт со институции кои треба да преземат мерки, вели градоначалникот Тони Коњановски.
„Во врска со случајот ги информирав Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, како и Државниот инспекторат за шумарство и ловство при Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство. Деновиве има повеќе пријави до институциите за мечка во атарот на селата Трн, Оптичари, Поешево и Егри, а последната пријава на бројот 112 е за мечка видена во околината на градскиот парк во Битола. Од страна на институциите бев известен дека во тек се со актуелната состојба“, соопшти градоначалникот Тони Коњановски.
Мечките се заштитен вид и отстрелот е строго забранет со закон, без исклучоци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата