Гратчето е познато по годишниот Фестифал на пржени животински тестиси, во противпожарната станица во март (еден од неколкуте ширум САД и светот), но и по тоа што минатиот ноември, граѓаните ја избраа 20-годишната Ева Фипс како најмладата градоначалничка во САД денес, но и воопшто - во историјата на земјата.
- Не мислев дека ќе бидам дел од американската историја, мислев само да го водам мојот мал град, но сум толку горда на себе што „не се заглавив“, не се преоптоварив со тоа, изјави Фипс за „Ју-ес-еј тудеј“ (USA Today).
Девојката на изборите го победи својот 45-годишен противник, инаку возач на камион, по име Скот Шонделмајер, со 31 наспроти 19 гласови. Нејзината победа е дел од националниот тренд во САД во корист на Зет-генерацијата - таа е меѓу мноштвото новоизбрани или назначени помлади градоначалници кои се во третото десетлетие од својот живот. Меѓу нив се и 22-годишниот „татко“ на Гарден Сити во сојузната држава Канзас - Том Нгујен, и 24-годишниот Сем Бигам, првиот човек на Карнеги, Пенсилванија.
Веројатно најпознатиот во оваа смисла е градоначалникот на Њујорк - 34-годишниот Зоран Мамдани.
Додека Фипс растела во државата Њујорк, нејзините родители се разделиле. Нејзиниот татко - ветеран од Американската армија се вратил во својата родна Ајова, па младата девојка ја убедила мајка сѝ да ѝ дозволи да се пресели во Ајова и таму да заврши средно училиште.
- И јас сум тука речиси оттогаш. Луѓето се пољубезни во овие области, а образовните можности беа пообилни. Се заљубив во тоа, рече Фипс.
Така, таа го посетувала тамошното високорангирано средно училиште, а матурирала во 2024 година. Подоцна истата година, во „нејзиниот“ Њујорк, очувот на Фипс - бизнисмен и нејзин ментор и водач, починал од ненадејна болест, што ја натерало, вели, да се заложи и да му помогне на гратчето Хендерсон.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата