Православните верници во петок, на 6 мај, го прославаат Ѓурѓовден - празникот врзан со најголем број обичаи што постојат во народното верување. Овој светец се смета за граница меѓу зимата и летото, празник врзан за здравјето на домашните, женачката, плодност на стоката и добри посеви.
Главен обичај е плетењето венец од билки, миењето со цвеќиња, капењето во река. Венецот сплетен од цвеќиња треба да се стави на влезната врата во куќата и тоа значи дека домот и годината ќе бидат богати.
Наутро со билките и со цвеќињата што домаќинката претходно ги потопила во вода, прво се мијат децата за да бидат здрави како дрен преку цела година, девојките и момчињата се грабаат околу нив, старите да бидат витални, а домашните куќата да им биде чувана.
Се верува дека на Ѓурѓовден не треба да се спие, бидејќи главата може да ве боли цела година. Во селата се палеле големи огнови за да се избркаат сите зли и лоши сили. Се верувало и дека ако е ведро, годината ќе биде плодна, а ако врне, дека ќе биде сушна година.
Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.
Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското, туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц, а на 9 декември (26 ноември, с.с.) празникот познат како Св. Ѓорѓи – Посен.
Обичаи за време на Ѓурѓовден се:
Ноќта, наспроти Ѓурѓовден, некој од домашните ќе скине зелени гранки во најблиската шума и со нив ги закитува вратите и прозорите на куќите и останатите простории, како што се влезните порти и капии. Ова се прави (според христијанското верување) поради тоа да годината и домот бидат “бериќетни“ – “да има здравје, плодови и род во домот, полето, во трлата и шталите“.
Исто така се плетат венчиња од “ѓурѓевско цвеќе“: ѓурѓевка, млечка и други, и со нив се закитуваат влезните врати на дворот и куќата. Тие венци стојат над вратата цела година, до следниот Ѓурѓовден.
Наспроти Ѓурѓовден, домаќинката во сад полн со вода става разни пролетни растенија: дрен, па потоа здравец и на крај грабеж , црвено јајце и пазикуќа, а потоа тоа се става под ружа во градината да преноќи.
Наутро сите се мијат со водата: (според христијанското верување) децата – “за да бидат здрави како дрен“, девојките – “момчињата да се грабат за нив“, старите – “да бидат здрави“, домаќинот – “куќата да му биде добро чувана“ итн. Секој според своите потреби и желби.
Од голема важност е и бањањето во река, пред изгревот на сонцето (понекогаш во реката се фрлаат и венци од цвеќе или се истура млеко).
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата