Многу производители со задоволство ќе ви продадат резервно тркало како додатна опрема. Но, зошто повеќето нови автомобили веќе не доаѓаат со резервно тркало? Веројатно веќе ви паѓаат на ум некои причини.
Една од главните причини е намалувањето на трошоците за производство. Секое евро е важно, а со елиминирање на резервното тркало, производителите постигнуваат значителни заштеди.
Втората причина е намалувањето на потрошувачката на гориво и емисиите. Иако разликата е минимална, секој грам CO₂ е важен за производителите при тестирање и пријавување на потрошувачката до регулаторните тела, како што се оние во Европската Унија.
Пониските емисии значат пониски казни за надминување на дозволените вредности. Инаку, гумата, тркалото и дигалката можат да тежат над 20 килограми.
Третата причина се однесува на хибридите и електричните возила. Кај овие автомобили, важно е дополнително да се намали масата за да се зголеми ефикасноста и дометот.
Особено кај хибридите, батеријата често се наоѓа токму на местото наменето за резервното тркало.
Ако автомобилот не доаѓа со резервно тркало, обично доаѓа опремен со комплет за поправка на гуми и компресор. Меѓутоа, во случај гумата да ви се дупне, тоа е само привремено решение.
Ако штетата е поголема, тој комплет нема да ви помогне.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата