logo
logo
logo

Добри пријатели – ТАЈНАТА ЗА ПОДОЛГ И ПОЗДРАВ ЖИВОТ

Vecer | 17.01.2026

Добри пријатели – ТАЈНАТА ЗА ПОДОЛГ И ПОЗДРАВ ЖИВОТ

Група блиски пријатели ќе бидат покрај вас и ќе ви помогнат во најтешките животни моменти, но и ќе се радуваат со вас на сите ваши успеси и убави нешта што ќе ви се случуваат. Но, нова студија сугерира дека цврстата социјална поддршка не е корисна само за емоционалната состојба и менталното здравје. Таа, всушност, прави чуда за вашето здравје и за очекуваниот животен век. Во неа, научниците откриле поврзаност помеѓу силната социјална поддршка од блиските пријатели во текот на поголем дел од животот и помладата биолошка возраст, што укажува на тоа дека одржувањето пријателства може да го забави процесот на стареење на клеточно ниво.

Со пријателите, гените стареат побавно

За потребите на студијата, научниците анализирале податоци од повеќе од 2.100 возрасни лица кои учествувале во едно американско истражување. Посебно внимание било посветено на социјалните врски на испитаниците низ времето, а потоа тие биле споредени со податоците од мерењата на нивната биолошка возраст. Истражувачите се фокусирале на четири области на социјална поддршка: топлината и поддршката што испитаниците ја добивале од родителите во детството, чувството на поврзаност со локалната заедница и соседите, нивната вклученост во работата на верската заедница, како и поддршката што ја добивале од пријателите и семејството. Научниците откриле дека лицата со највисоко ниво на општествена поддршка имале побавно епигенетско стареење, што значи дека нивните гени старееле со побавно темпо. Овие испитаници имале и пониски вредности на интерлеукин-6, протеин поврзан со воспалителни процеси. Ова откритие, сметаат авторите на студијата, оди во прилог на сè поголемиот број докази дека социјалната компонента е длабоко вткаена во психолошките обрасци што го обликуваат нашето стареење и здравје.

Зошто цврстите пријателства позитивно влијаат врз долговечноста

– Иако сè уште немаме прецизен одговор на тоа прашање, откритијата од студијата сугерираат дека цврстите пријателства и поддршката од членовите на семејството го забавуваат процесот на стареење на молекуларно ниво – изјави д-р Ентони Онг, професор по психологија и водечки автор на студијата.

Иако точната причина за оваа клеточна поврзаност е непозната, силните пријателства се поврзуваат со бројни придобивки за здравјето, и физичкото и менталното, истакнува д-р Хилари Амон, клиничка психологинка во Центарот за анксиозност и женска емоционална благосостојба.

– Кога луѓето имаат поддршка, не само емоционална туку и во секој друг аспект, почесто имаат подобар квалитет на живот. Од перспектива на благосостојбата, логично е дека лицата со вакви пријателства имаат и подолг животен век – смета д-р Амон.

Веројатно тоа е поврзано со сè поголемиот позитивен ефект кој се акумулира низ подолг временски период.

– Постојаната социјална поддршка значи континуиран пристап до социјални ресурси во текот на долг период и во различни сфери од животот. Социјалните ресурси, како родителската топлина во детството и ангажираната локална заедница, групата блиски пријатели или цврстата семејна заедница во зрелата возраст, со текот на животот се акумулираат и стануваат вградени во психолошките обрасци што го обликуваат здравјето – објаснува Онг.

– Доследноста, длабочината и трајноста на тие врски низ повеќе децении од животот се од клучно значење за здравјето. Иако секогаш е добро да се создаваат нови пријателства, често постои поголемо чувство на доверба и потпирање кај пријателите што ги познаваме подолго време – додава д-р Амон, напоменувајќи дека не треба да се грижите доколку вашите пријателства се од понов датум.

– На крајот, поврзаноста е она што навистина е важно. Пријателствата, без разлика дали се нови или долготрајни, се важен дел од сложувалката за поголем квалитет на живот и толку посакуваната долговечност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk