Секоја година во јануари, илјадници храбри учесници низ православниот свет се собираат покрај реки, езера и морски крајбрежја за традиционалното пливање по Чесниот крст. Овој древен обред, кој се одржува по повод празникот Богојавление, не е само духовен чин и симбол на верата, туку и вистински тест на храброст, издржливост и контрола над телото во ледена вода.
Иако настанот е спектакуларен и инспиративен, кардиолозите предупредуваат дека влегувањето во студената вода носи ризици, особено за лица со срцеви заболувања или висок крвен притисок. Во овој текст ќе објасниме што се случува со телото во првите секунди во ладна вода, кои се потенцијалните бенефити и кои учесници треба да бидат внимателни.
Најкритичниот момент не е пливањето. Најкритичен е првиот контакт со ладната вода. Тогаш доаѓа до реакција на шок предизвикан од студот, што во превод значи следниве промени кај човекот:
– дишењето станува забрзано и неконтролирано, – се јавува рефлексно нагло вдишување на воздух, – чувство дека нешто ве „пресекло“.
Во тие секунди телото го вклучува алармниот систем. Симпатичкиот нервен систем ја презема контролата, се ослободуваат адреналин и норадреналин.
Пулсот се забрзува, крвниот притисок нагло расте, периферните крвни садови се стегаат, мускулите се грчат, метаболизмот се забрзува. Срцето добива порака да пумпа посилно, а крвните садови да се стеснат.
Целта е да се зачува телесната температура за органите да можат да функционираат. Тоа е природна реакција, сама по себе не е болест, туку физиолошки одговор на новонастанат стрес. Проблемот е што оваа физиолошка реакција кај некои луѓе може да биде тригер за несакани здравствени настани.
Како реагираат срцето и крвните садови
Ладната вода создава комбинација од два ефекта: крвните садови се стеснуваат (вазоконстрикција), а срцето го забрзува ритамот (тахикардија). Резултатот е нагло зголемување на крвниот притисок. Кај луѓето со висок притисок, овој скок може да биде драматичен и со сериозни последици.
Кај здрави, млади и истренирани лица, ова обично добро се поднесува, особено ако влегувањето во водата е постепено и контролирано. Кај луѓе со стеснувања на коронарните (срцеви) артерии или со срцева слабост, срцето може да остане без доволно кислород токму кога му е најпотребен, што може да остави последици во вид на акутни оштетувања на срцето.
Студот и адреналинот ја менуваат и електричната стабилност на срцето, па кај предиспонирани лица може да се појават прескокнувања, забрзан ритам или посериозни аритмии.
Важно е да се направи разлика меѓу краток и подолг престој во ладна вода. Првите 10 до 30 секунди се таканаречената „шок фаза“. Подолгиот престој носи губење на топлина, забавена координација, општа слабост, па дури и до целосен престанок на дишењето и срцевата работа.
Постојат ли бенефити од престој во ледена вода?
Чести се и прашањата дали престојот во ледена вода има корист за срцето, имајќи ги предвид актуелните трендови кај младите спортисти на социјалните мрежи.
Одговорот мора да биде реален. Самата ладна вода не е магичен лек за регенерација, но искуството на пливање за крст може да биде дел од поздрав начин на живот, доколку е проследено со здрави навики, редовна физичка активност и постепена подготовка.
Кај луѓе кои тренираат во текот на целата година, имаат стабилен крвен притисок, добра кондиција и уредни наоди, влегувањето во ладна вода може да се поднесе без последици. Психолошки, може да донесе чувство на контрола над стресот, зајакнување на дисциплината и подобра толеранција на непријатност.
Од кардиолошка гледна точка, најголемиот бенефит доаѓа од она што е „зад сцената“, а тоа се:
– редовен тренинг – намалување на телесната тежина – подобра регулација на крвниот притисок – подобар липиден статус – подобра толеранција на напор – понизок вкупен кардиоваскуларен ризик
Самото пливање за крст, еднаш годишно и без подготовка, повеќе е симболичен настан отколку здравствен бенефит.
Кои лица се во зголемен ризик?
Најголемиот ризик не е кај луѓето кои редовно тренираат, туку кај оние кои се мотивирани од атмосферата, но немаат реална проценка на своите можности. Посебно внимание треба да имаат лицата со хипертензија (особено ако притисокот не е добро регулиран), лицата со коронарна болест (ангина пекторис, преживеан инфаркт, вграден стент), како и оние со срцева слабост.
Во зголемен ризик се и лицата со познати аритмии (особено атријална фибрилација), кардиомиопатии, луѓе кои претходно имале губење на свест, како и оние со дијабетес (особено ако постои невропатија) или хронична бубрежна болест. Ризична група се и пушачите со слаба кондиција, како и лицата кои речиси и да не биле физички активни, а сега сакаат да „изгураат“ манифестација потпирајќи се само на волја и адреналин.
Кој не би требало да плива?
Пливањето за Чесниот крст може да биде безбедно за млади и здрави луѓе. Но постојат ситуации кога не треба да се влегува во ладна вода. Не затоа што традицијата е погрешна, туку затоа што биологијата има свои граници.
Не треба да пливате ако постои:
– актуелна инфекција (температура, болка во грло, кашлица) – неконтролирана хипертензија – скорешни симптоми (болка во градите, гушење, прескокнување на срцето, невообичаен замор) – неодамнешна операција на срце или интервенции на коронарните артерии – тешка астма или хронична опструктивна белодробна болест
Како да ја процените подготвеноста
Разликата меѓу храброст и непромисленост често се гледа дури кога ќе биде предоцна. Ако не можете да се искачите по два ката скали без гушење, ако срцето ви чука забрзано и при мал напор, ако во последните месеци сте биле физички неактивни, не е рационално во јануари да правите нагол тест во ладна вода.
На денот на пливањето треба да бидете одморени и, најважно, никако да не влегувате нагло во водата. Влегувајте постепено за телото да се адаптира. Најважната вештина не е во мускулите, туку во контролата на дишењето: бавно вдишување, бавно издишување, без паника и без нагли движења.
Кога го контролирате дишењето, срцето се однесува постабилно. По завршувањето на пливањето, веднаш треба да се излезе од водата, без продолжен престој, потоа брзо бришење, сува облека, капа и топол напиток.
Никогаш не се оди сам на пливање. Организирана манифестација со медицинска екипа е неспоредливо побезбедна. Ако постои и најмала сомнеж за здравствената состојба, најмудро е да се направи лекарски преглед пред настанот.
Најчести грешки
• Најчеста грешка е влегување без никаква подготовка, кога лицето не тренира, нема кондиција, но сака да „изгура“ на адреналин.
• Втора грешка е доаѓање ненаспано, исцрпено и под стрес, бидејќи организмот веќе е во состојба на висок симпатички тонус, а ладната вода додава уште еден слој оптоварување.
• Трета грешка е алкохолот, било пред или по влегувањето во водата.
• Четврта грешка е игнорирање на симптомите, како што се болка во градите, вртоглавица, силна малаксаност или чувство на недостиг на воздух.
Пливањето за Чесниот крст е силен симбол на вера, храброст, истрајност, дисциплина и заедништво, но и реален физиолошки настан низ кој минува човечкото тело. Срцето и крвните садови реагираат брзо и интензивно, особено во првите неколку десетици секунди. Секогаш имајте на ум дека традицијата не бара срцето да се доведе во опасност, туку настанот да се доживее достоинствено.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата