Некогашен припадник на елитна албанска полициска единица стана водач на една од најкрвавите банди на Балканот. Зад Алдо Баре останаа пресметки, убиства, експлозии и приказна за отсечената глава на неговиот најголем непријател, додека тој денес од затвор се обидува да ја ублажи доживотната казна.
Алдо Баре, чие вистинско име е Алфред Шкурти, бил обучен да се бори против најопасните криминалци. Наместо тоа, според пресудите на албанските судови, тој станал еден од нив. Поранешниот припадник на специјалната единица РЕНЕА кон крајот на деведесеттите години ја основал таканаречената банда од Лушња, криминална организација која со години го тероризирала овој албански град. Како пресвртна точка се наведува убиството на неговиот брат Рамадан Шкурти во 1997 година, за кое Баре ја обвинувал групата собрана околу неговиот ривал Артур Даја. Потоа започнала крвава одмазда.
Му ја отсекле главата на ривалот, па ја носеле низ град
Најморничавиот настан што се поврзува со Баре е убиството на Артур Даја.
Според обвинението и извештаите од судењето, Даја бил убиен во 1997 година, по што му била отсечена главата. „Балкан Инсајт“ наведе дека Баре бил обвинет за учество во неговото обезглавување и дека отсечената глава потоа била носена по улиците на Лушња како брутална порака до сите противници.
Албанските медиуми наведуваа дека телото на Даја било дополнително осакатено, додека неговата смрт станала симбол на пресметките кои ја претвориле Лушња во боиште на мафијашка војна. Групата на Баре била поврзувана со повеќе убиства, десетици ранувања, изнуди, палење имот и напади со експлозив. Сепак, Баре не бил осуден за секое кривично дело што му се ставало на товар. Доживотната казна му била изречена поради низа убиства, обиди за убиства, раководење со криминална организација, недозволено оружје и други тешки кривични дела. Меѓу жртвите кои се наведуваат во пресудата биле Џеват Демири и Нимет Зенели.
Со години бегал, па бил уапсен во Турција
Додека членовите на неговата група биле апсени и убивани во меѓусебни пресметки, Баре успеал да ја напушти Албанија.
Тој бил уапсен во Турција во март 2006 година, а на Албанија ѝ бил екстрадиран кон крајот на 2009 година, под исклучително силни мерки за безбедност. По повеќегодишни постапки и повторени судења, тој бил правосилно осуден на доживотен затвор.
Со години се наоѓал во затворот со висока безбедност во Пеќин, но не се откажал од обидите да излезе на слобода или барем да ја намали казната. Неговите адвокати неколку пати ги оспорувале пресудите, а Уставниот суд во еден момент го вратил предметот на повторно разгледување поради процедурални повреди. Сепак, највисокиот албански суд во декември 2022 година повторно ја потврдил доживотната казна.
Баре и во 2025 година се обидел да издејствува намалување на казната, повикувајќи се на добро однесување зад решетките. Барал казната да му биде скратена за 45 дена, но Врховниот суд на Албанија го одбил и тоа барање.
Човекот чие име некогаш било доволно за во Лушња да завладее страв така останал зад решетките – на местото од каде што и понатаму, речиси три децении по почетокот на крвавите пресметки, се обидува да пронајде пат до слободата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата