Азербејџан и Турција заеднички поднесоа барање до УНЕСКО за заштита на баклавата и воведување на тој традиционален десерт на листата на нематеријално културно наследство, но оваа иницијатива предизвика негодување кај бројни соседни земји.
Баклавата е колач кој се прави од повеќе слоеви тенки кори со фил од сечкани јаткасти плодови и е прелиен со сируп од шеќер или мед, наведува порталот „Јуропиан Кореспондент“. Баклавата е популарна во дваесетина земји, во Турција, ширум Балканот, на Блискиот Исток и во областа на Кавказ, Централна и Јужна Азија, но секоја земја има своја варијанта на подготовка на овој колач и многумина го сметаат за свое кулинарско наследство. Присвојувањето на баклавата започна во 2013 година, кога Европската комисија ја регистрираше баклавата од Газијантеп, турската престолнина на баклавата, како производ со заштитено географско потекло и назив „Antep Baklavası“, заштитен од имитации.
Турската историографија инсистира на тоа дека баклавата во својата модерна форма настанала во османлиски Истанбул, грчките историчари тврдат дека овој култен колач е измислен во Византиската империја, од која е создадена и современа Грција, а уште петнаесетина земји на тлото на Европа и Азија сметаат дека баклавата им припаѓа ним.
Грчките пратеници во Европскиот парламент во јануари 2025 година поднесоа приговор во кој го истакнуваат грчкото потекло на баклавата и изразуваат загриженост поради тоа што Азербејџан и Турција полагаат право на овој специјалитет.
Експертите ја нарекоа оваа национална или националистичка опсесија околу потеклото на храната „гастронационализам“, а се чини дека Турција, под претседателот Реџеп Таип Ердоган, е особено посветена на ова прашање, наведува порталот „Јуропиан Кореспондент“. За време на минатонеделниот престој во Турција на високи функционери од земјите членки на НАТО на самитот на Северноатлантската алијанса во Анкара, баклавата често била послужувана како десерт, а бројни регионални специјалитети околу кои се водат спорови им биле претставени на гостите како дел од единственото кулинарско наследство на Турција.
Врвни турски готвачи осум месеци го осмислувале „автентичното турско мени“ за самитот на НАТО, во соработка со Дирекцијата за комуникации на претседателот Ердоган, која како главна цел го поставила „зајакнувањето на брендот на Турција“.
Фактот дека Азербејџан и Турција заеднички поднесоа барање баклавата да се признае како дел од културното наследство на двете земји, исто така претставува вид гастронационализам, бидејќи овие две соседни земји се блиски сојузници, а нивните билатерални односи почиваат на формулата „една нација, две држави“. Овие две држави си даваат поддршка една на друга во сите области на соработка: воената, дипломатската, економската, образовната, но и во доменот на кулинарството. Иницијативата на Азербејџан и Турција во врска со баклавата следуваше неколку месеци откако еден ресторан во Солун побара од УНЕСКО да ја признае „паца“, вид традиционално чорбесто јадење, како автентично грчко јадење чии корени датираат уште од времето на Хомер.
Турските медиуми веднаш го оспорија грчкото барање, тврдејќи дека таа чорба, во Турција позната како „ишкембе“, всушност е од турско потекло, наведувајќи ги како доказ записите на патописецот Евлија Челебија од 17 век.
Расправите во рамките на УНЕСКО за статусот на некое јадење се водат секоја година, и тоа не само кога станува збор за земјите од некогашната Османлиска Империја, а многу држави сметаат дека признавањето на статусот на некое јадење од страна на УНЕСКО е своевиден заштитен знак.
„Тоа е чисто симболично. Наследството е политичко средство, тоа не е тајна. Државите го користат заради видливост, престиж и градење на идентитетот. Со други зборови, станува збор за евтин механизам за поттикнување на национализмот и проектирање на таканаречената мека моќ“, изјави Кјара Бортолото, антрополог специјализиран за културно наследство при Францускиот национален центар за научни истражувања. Во пракса, ознаката на УНЕСКО во повеќето случаи значи многу малку, бидејќи таа организација не обезбедува ниту пари, ниту загарантирана поддршка, а изостанува и какво било позначајно продолжување на промотивните активности по доделувањето на статусот.
Сепак, видливоста што може да генерира некои промени е најзначајната корист што ја дава доделувањето на статусот од УНЕСКО.
Дали баклавата ќе стекне поголема видливост како азербејџанско-турски десерт признат од страна на УНЕСКО, ќе се знае дури по претстојното заседание на таа организација во декември оваа година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата